Претседателот Стево Пендаровски не ја коментира вчерашната изјава на бугарскиот премиер Кирил Петков, дека руски агенти во Бугарија работеле против добрите односи меѓу Скопје и Софија, но вели дека треба да му се верува оти се работи за актуелен премиер.

Изјавата на Петков не можам да ја коментирам бидејќи е заснована на информациите на бугарските институции и бугарските служби. Но, бидејќи се работи за актуелен премиер на Бугарија, треба да му се верува, изјави Пендаровски за ТВ Телма.

Претседателот Стево Пендаровски, го објасни и неодамнешното протерување на руски дипломати од земјава, но се осврна и на изјавата на бугарскиот премиер.

За тие петмина руски дипломати, изјавивме дека излегле од статусот со кој се имаат пријавено кога дошле кај нас, значи не биле дипломати. Не можам да влегувам до детали тоа се разузнавачки детали, но тие работеле надвор од тоа што го пропишува Виенската конвенција, вели Пендаровски.

Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера изјави дека руски агенти во Бугарија работеле против добрите односи меѓу Скопје и Софија.

Тоа што го истражуваме на многу места е голема руска дијаспора на агенти во Бугарија. Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) ги истражува. Некои од нив работеле специјално врз добрите односи со Македонија. Рускиот интерес бил фокусиран врз тоа да нема европска иднина за Западен Балкан, рече Петков за време на посетата на Благоевград.

Според него, некој се обидува да го замени бугарскиот интерес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.