По повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, утре – 2 август 2023 година, среда, предвидени се следните активности, соопштија од кабинетот на Пендаровски.

Во Пелинце, со почеток во 10:15 часот, претседателот Пендаровски ќе положи свежо цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ, ќе има обраќање и ќе ја посети спомен собата во Меморијалниот центар. Во рамки на чествувањето ќе настапи Воениот оркестар на Армијата на Република Македонија.

Манифестацијата во Пелинце ќе биде директно пренесувана на Јавниот сервис МРТ, на Facebook страницата и на YouTube каналот на Претседателот.

Акредитираните медиумски екипи е задолжително да бидат во Пелинце најдоцна до 08:30 часот.

Во манастирот „Св. Прохор Пчински“, со почеток во 12:00 часот, претседателот Стево Пендаровски ќе положи свежо цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ.

Во манастирот „Прохор Пчински“, претседателот Пендаровски ќе биде пречекан од страна на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ. Двајцата претседатели ќе остварат билатерална средба, по што се предвидени изјави за медиумите.

Во состав на државно-црковната делегација која ја предводи претседателот Пендаровски на чествувањето во манастирот „Св. Прохор Пчински“ се потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, Викарен Епископ Хераклејски г. Климент и претставници од Сојузот на борците на НОБ.

Положување цвеќе од страна на делегации од Кабинетот на претседателот

–         Во Скопје, генералниот секретар на Кабинетот на претседателот, Миле Бошњаковски, ќе положи цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена-борец“, на споменикот на Никола Карев пред Собранието на Република Македонија, на споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштад „Македонија“ и на споменикот „Сила, Слава и Победа“ на тврдината Кале.

 

–         Во Крушево, претставник од Кабинетот на претседателот ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот на хероите на месноста „Слива“ и на Мечкин Камен.

 

–         Во Смилево, претставник од Кабинетот на претседателот ќе положи свежо цвеќе на Могилата на Даме Груев, на споменикот на смилевските илинденци и на спомен-плочата на партизанскиот одред „Даме Груев“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.