Го следам случајот и слушнав коментари дека австрискиот амбасадор наводно се меша во нашите внатрешни работи. Но, тука не станува збор за никакво мешање во нашите внатрешни работи, оти секој амбасадор има легитимно право и обврска да си ги штити интересите на својата земја.

Вака претседателот Стево Пендаровски ја искоментира вчерашната реакција на австрискиот амбасадор во земјава Георг Вуцас, кој истакна дека фирма од Австрија не може да си наплати 4,5 милиони евра долг од зетот на Заеви.

И нашите амбасадори кои ја претставуваат нашата држава во странство имаат обврска да ги штитат интересите и на приватните бизниси на нашите граѓани во странство, а не само на институциите. Вчера видовме реакција и од поранешниот премиер Зоран Заев кој упати на институционална разврска, па очекувам македонските институции да утврдат дали навистина имало непочитување на меѓународна арбитража – рече Пендаровски.

Инаку, фирма од Австрија, која има побарување од 4,5 милиони евра од македонска фирма, и времена мерка за забрана за отуѓување на нејзиниот имот, реагира на тоа што и покрај судската забраната, фирмата ја отуѓува својата сопственост, оставајќи мали или никакви шанси доверителот, австриската компанија АММА, да си го наплати долгот.

Според австриската амбасада, станува збор за злоупотреба од страна на нотари, извршители и судски функционери, кои се под влијание на фирмата должник.

Австрискиот амбасадор бара надлежните судски органи, обвинителството и стручните комори да реагираат и да го спречат криминалот.

Една од фирмите, преку која се испумпува имотот на фирмата должник, е во сопственост на Емилија Заева Костова, братучетка на Зоран Заев и сопруга на самиот должник Атанас Костов од Валандово, наведува амбасадата на Австрија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.