Претседателот Стево Пендаровски, по повод празникот Свети Сава, упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија.

Дозволете ми, во името на македонските граѓани, да ви го честитам 27 Јануари – Националниот ден на Србите во Република Македонија и да ви посакам мир и радост. Овој важен празник е посветен на големиот српски духовник, просветител и градител Св. Сава кој е инспирација за генерации Срби да го негуваат својот идентитет, јазик, писменост и култура и да создаваат трајни вредности.

 

Како уставно призната и општествено ценета, српската заедница придонесува за изградбата и за развојот на нашата заедничка татковина, и за негувањето на соживотот во македонското мултиетничко и мултијазично општество. За тоа сведочи и влогот на бројни истакнати припадници на српската заедница, кои го збогатуваат нашиот општествен, културен и политички живот.

 

Заедно со македонската заедница во соседна Република Србија, српската заедница во Македонија е цврст мост на пријателство меѓу двете држави чиишто односи се одликуваат со меѓусебно почитување и помагање, и во мирни и во турбулентни времиња. Нека е за многу години 27 Јануари – Денот на Свети Сава, се вели во честитката од Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.