Претседателот Стево Пендаровски посети волонтери и организатори на парадата на гордоста „Скопје прајд 2022“, со кои имаше можност директно да поразговара за начинот на организирањето на парадата, од логистика и прием на гости, до дадената институционална поддршка, безбедносните и промотивните прашања.
Како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, по повод одржувањето на „Скопје прајд 2022“, Пендаровски порача дека „прифаќањето на различностите и ослободеност од предрасуди се показател на зрело, демократско и отворено општество, кое е подготвено да направи простор за секој од неговите членови.
Имаме заедничка одговорност да овозможиме уживање на основните права и себереализација на секој, без страв од отфрленост, особено кога станува збор за ранливите заедници. „Скопје прајд 2022“ е парада на различност, прифаќање и дружба на ЛГБТИК+ заедницата, но и можност за сите кои ја разбираат и прифаќаат различноста по основ на сексуална ориентација и родов идентитет да ја искажат својата поддршка – вели Пендаровски.
Тој изразува очекување третата парада на гордоста во Скопје да се одржи во мирна атмосфера, без инциденти, во атмосфера на толеранција и прифаќање.
Да покажеме солидарност со нашите сограѓани затоа што достоинството, еднаквоста и правдата се за сите граѓани – порача Пендаровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.