Претседателот Стево Пендаровски упати честитка по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, во која порачува дека треба „за да ги зачуваме придобивките на славната антифашистичка генерација, мора да ја градиме Македонија како демократска и функционална правна држава, со еднаквост пред законите и еднакви можности за развој и за напредок за секој нејзин граѓанин“.

Пендаровски порачува дека слободата и правдата се идеали што ја придвижуваат човековата историја.

Понесени од овие идеали, на 11 октомври 1941 година, 16 млади борци од прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ ги нападнаа симболите на фашистичката окупаторска власт и го означија почетокот на македонската народноослободителна и антифашистичка борба.

 

Со овој чин, македонскиот народ и македонските граѓани станаа дел од големата антихитлеровска коалиција. Слободољубивите мажи и жени од сите етнички, верски, социјални и идеолошки позадини се обединија во широк народноослободителен фронт во кој се бореа и изборија за слободна македонска држава во свет ослободен од злото на фашизмот. Носители на таа праведна борба беа младите луѓе. Од првите партизански одреди, па сè до државотворниот АСНОМ, младите споделуваа специфична визија за општото добро што ја вградија во темелите на државата. Тие сонуваа за слободно, праведно и солидарно општество во коешто секој негов член ќе има достоинствен живот.

 

За да ги зачуваме придобивките на славната антифашистичка генерација ние мора да ја градиме Македонија како демократска и функционална правна држава, со еднаквост пред законите и еднакви можности за развој и за напредок за секој нејзин граѓанин. Фокусирани на општото добро и на јавниот интерес ќе создадеме услови за нашите млади да останат во својата татковина и тука да се вклучат во битките за напредок на секое поле на животот. Нека ни е честит и вековит празникот!, истакнува претседателот Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.