Активни се осум шумски пожари, од вкупно 13 кои се гаснеле во текот на денот, информираше директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
Пет пожари се изгаснати, а како најтежок пожар Ангелов го посочи пожарот во Македонски Брод, во атарот на селото Брезница, кој му се заканува на селото, но вели убеден е дека селото ќе биде одбрането.
Овде во текот на целиот ден дејствуваат неколку хеликоптери, ефектите од нив се мали, но тука се наоѓа 40-член унгарски тим пожарникари кои даваат голем придонес со поддршка од 50 македонски професионални војници, рече Ангелов.
Вториот тежок пожар, додаде, е на територијата на Општина Демир Хисар, на Илинска Планина, каде што ситуацијата е тешка, а во гаснењето активно учествува локалното население, локалните пожарникари, претставници од Национални шуми, но самата вегететација, вели, создава чад и го отежнува функционирањето на воздухопловите.
Ангелов истакна дека пожарот во Охрид, над селото Косел, повторно се распламнува. Додаде дека гори и во Богданци, кај месноста Погана и таму се дејствувало со хеликоптери, но како што рече, поради ветрот морале да се вратат. Пожар има и во Гевгелија, а огнот се приближува до воен објект, рече Ангелов, но вели, објектот го штити војската.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.