Наставници и друг наставен кадар коj има искуство за работа со ученици кои имаат потешкотии за совладување на училишниот материјал, како и студенти од завршните години на студии на соодветни факултети ќе им помагаат на основците кои се соочиле со предизвици при следењето на наставата за време на пандемијата со Ковид, а со цел пополнување на празнините во знаењето по предметите мајчин јазик и математика, за да се спречи на нивен одраз во понатамошните образовни нивоа, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

Оваа активност е предвидена во рамки на Проектот за унапредување на основното образование на МОН и за истата се дискутираше на денешната средба помеѓу министерот за образование и наука Јетон Шаќири и Никица Мојсоска – Блажевски, експертка ангажирана за потребите на проектот. На средбата беа презентирани резултатите од направената анализа за потребата од воведување на оваа активност.

Предвидено е програмата за помош и поддршка на учениците од основните училишта, кои поради пандемијата со КОВИД-19 не биле во можност или имале потешкотии да ја следат онлајн наставата или наставата со физичко присуство, по предметите мајчин јазик и математика да започне да се спроведува од учебната 2023-2024 година во три пилот општини, по што ќе следи анализа на постигнатите резултати и потоа дефинирање на системско решение и имплементирање на национално ниво.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.