Отпочнување на преговори за членство во ЕУ нема да имаме, па во најдобар можен случај Македонија може да добие само меѓувладина конференција, што е настан без суштина, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Охрид. Неговиот коментар следува откако претходно денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кажа дека треба да вложат максимални напори до ова лето, оти е последната шанса за решавање на спорот за Бугарија, а истовремено ја повика и опозицијата на конструктивност. Османи кажа и дека ниту Владата, ниту граѓаните веќе немаат енергија да минуваат низ ваков процес на надежи и фрустрации.

„Османи продолжувa да не ја говори вистината, бидејќи тоа што го слушаме од Софија е дека сигурно ќе немаме преговори. Единствено што може да се случи е таа меѓувладина конференција, што е фолклор, настан без суштина. Ќе се сликаат членовите на Европската комисија и македонската влада и тука завршува сè. Нема да почнат преговорите сè додека целокупната преговарачка рамка не ја испочитуваме, а во таа преговарачка рамка ќе бидат вклучени барањата од страна на Бугарија, вклучително и интервенцијата во македонскиот Устав. ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи тие промени во македонскиот Устав, бидејќи немаме никаква гаранција дека со тоа се затвораат сите отворени прашања меѓу Бугарија и Македонија и дека до самото членство нема да имаме повеќе вакви хегемонски барања од политичарите кај нашиот источен сосед“, кажа Мицкоски од Охрид.

Мицкоски смета дека ако некој нешто прави, тогаш тоа е Европа, па на европските лидери им порача да се обединат и околу спорот на Македонија со Бугарија.

„Ги охрабрувам лидерите на земјите-членки на ЕУ, како што се обединети околу кршењето на меѓународното право во Украина, така да се обединат околу кршењето на меѓународното право кога станува збор за Македонија и правото кое и се крши и оспорува од страна на една земја-членка на Унијата поради нивните хегемониски барања, и нè спречува во изминатиот период да ги почнеме преговорите“, рече Мицкоски.

Мицкоски повторно му порача на премиерот Ковачевски да не брза, оти има време до 10 мај да размисли дали ќе ја прифати понудата за лидерска средба. Доколку Ковачевски одбие средба, Мицкоски повтори дека ќе следува активна блокада во парламентот.

„Јас го повикав Ковачевски да разговараме, нека го земе он со него и Османи, нека го земе и Ахмети, и Љупчо Георгиевски, нека дојде и со Павле Трајанов, со Маја Морачанин, Горан Милевски, со цела коалиција, јас ќе бидам со моите соработници, да разговараме за датум за предвремени избори, а дотогаш му нудам четири тима да му помогнат колку-толку, да ги ублажиме ефектите од оваа кризна состојба во која се најде нашата држава“, вели Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.