Дваесет дена пред Годишниот министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) во Скопје, се уште нема консензус меѓу нејзините учеснички за егзистенцијални прашања на Организацијата. Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, очекува тие одлуки за иднината на ОБСЕ да бидат донесени токму на конференцијата во Скопје од 29 ноември до 1 декември.
На брифинг во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде што се уредува просторот за конференцијата на која ќе учествуваат делегации од 76 земји, Османи истакна дека педесет години ОБСЕ е успешна платформа што обезбедува мир и има постигнато исклучителни успеси во одржување на мирот, но дека агресијата врз Украина предизвикала егзистенцијална криза на ОБСЕ зашто, рече, довербата на земјите учеснички e на историски ниско ниво.
-Одлуките што во ОБСЕ се носат само со консензус, не можат да се донесат, не само во делот на политиките, туку и во однос а основните функции на Организацијата. Првпат се соочуваме да нема претседавач за 2024 година, иако за 2025 веќе е утврден претседавачот – Финска. Исто така, на 4 декември истекува мандатот на четворицата извршни лидери на ОБСЕ, како и прашањето на буџетот кој не е одобрен од 2021 година. ОБСЕ не е само платформа на дијалог, туку има и 13 теренски операции кои се во конфликтни подрачја… Дваесет дена пред конференцијата се уште немаме консензус по основ на овие егзистенцијални прашања на ОБСЕ. Најверојатно одлуката за иднината на ОБСЕ ќе се донесе во Скопје, токму во оваа сала каде што министрите ќе бидат седнати овде. Ова ја надминува и самата Организација зашто не постои никаква комуникација и дијалог меѓу, сега, завојувани страни. Ова ќе биде можност да се седне на маса и Скопје да биде центар на светот, каде министрите на најголемите држави во светот имаат можност во текот на тие три дена, покрај учеството на самата конференција, и билатерално да се сретнат и да комуницираат за прашања што го засегаат регионот на ОБСЕ, рече шефот на дипломатијата.
До 29 ноември, додаде Османи, „ќе направиме се што е во наша моќ за да успееме да ги обезбедиме барем основните функции на Организацијата“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.