Претседавачот со ОБСЕ, министерот Османи ,денес, 31 јануари 2023, престојува во Брисел, при што ќе има работни средби во ЕУ и НАТО со цел разгледување на можностите за продлабочување на соработката меѓу ОБСЕ, ЕУ и НАТО, како и разговори за актуелните надворешно-политички прашања на Македонија.

Воедно, Османи, ќе се обрати пред Северно Атланскиот Совет на НАТО, каде ќе ја презентира Програмата за претседавањето на Македонија со ОБСЕ оваа година.

Во рамки на посетата, Претседавачот со ОБСЕ ќе има и одделни средби со Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската Комисија, Жозеп Борел, со заменикот на Генералниот Секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, специјалниот пратеник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, и низа други средби со високи претставници на ЕУ и НАТО.

На средбите во ЕУ главен фокус ќе биде зајакнувањето на соработката на ОБСЕ со ЕУ за време на претседавањето на Македонија, како и претставување на позициите на Македонија за актуелните надворешно-политичките збиднувања. Во НАТО структурите и во разговорите со претставниците на Алијансата покрај презентацијата на Програмата за Претседавањето со ОБСЕ, Османи ќе информира и за досега остварените активности во ОБСЕ со посебен акцент на Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.