Министерот за надворешни работи на Република Македонија Бујар Османи, на маргини на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од иницијативата САД-Јадранската повелба (А5), оствари средба со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ.

Министрите изразија особено задоволство од позитивниот развоен тренд на односите меѓу двете пријателски земји, нагласувајќи ја подготвеноста за интензивирање и продлабочување на севкупната билатерална соработка, преку конкретни проекти и иницијативи, пред сè на економски план.

Во годината во која одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи, регионот ги прави потребните чекори кон консолидација на својата Евро-Атлантска иднина, за што доказ се и процесот за преговори за членство на Македонија во ЕУ и доделувањето на кандидатски статус за членство во Унијата на Босна и Херцеговина, нагласи министерот Османи, упатувајќи уште еднаш честитки за одлуката на Европскиот совет од декември минатата година.

 

Министрите разменија мислења и ставови за реформските процеси во двете земји и зголемената регионална соработка и дијалог во рамките на Западен Балкан, како своевиден забрзувач на европските интеграции.

 

Исто така се разговараше и за мултилатералната соработка меѓу двете земји во рамките на ОБСЕ и претседавањето на нашата држава со оваа важна регионална и меѓународна организација, како и претстојната регионална турнеја на Османи на теренските мисии на ОБСЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.