Ангел Димитров не е политичар, туку е историчар и му препорачувам да се занимава со историја, а не со политика, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи во одговор на новинарско прашање за коментар на тврдењето на Димитров дека земјава не се однесува како кандидат за членство во ЕУ.

Министерот Османи нагласи дека еден од основните принципи на Договорот со Бугарија е овие две работи да бидат поделени – политиката на политичарите, а историјата на историчарите.

Ангел Димиров очигледно покажува некоја политичка амбиција, но, уште еднаш да кажам да се концентрира на следниот состанок на историската комисија, да се подготвува, бидејќи има кој да зборува за политиката, рече Османи, по завршувањето на настанот на кој заедно со косовскиот амбасадор засадија 13 дрвја во знак на 13-годишнината од воспоставувањете на дипломатски односи меѓу двете земји.

Ангел Димитров денеска изјавил дека во моментов, Република Македонија не се однесува како кандидат за членство во ЕУ.

Самото потсетување на ЕУ до РСМ, иако со една фраза: дека мора да го почитуваат Договорот за добрососедство со Бугарија, ширум ја отвора вратата за нашите приговори и барања кон земјата, рекол тој во емисијата „Брисел 1“ на ТВ „Бугарија Он еир“.

Ангел Димитров е копретседавач од бугарскиот дел на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.