Претседателот на движењето ЗНАМ и кандидат за претседател Максим Димитриевски ја обвини власта дека го злоупотребува правниот систем за да креира, како што вели, неосновани кривични пријави за наводна злоупотреба на службената положба и овластување од него како актуелен градоначалник на Куманово со цел како кандидат на претстојните претседателски избори да го дискредитира и девалвира во очите на јавноста.
Димитриевски, денеска на прес конференција, порача дека станува збор за веќе видено сценарио на креирањето неосновани случаи пред избори и појасни дека се работи за предмет пред Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово, каде еден од подносителите на кривичната пријава е потврден финансиер на една од актуелните партии на власт, кој што има личен интерес да изгради станбен објект со 11 ката, на локација за која има известување од две институции дека им е загрозен јавниот интерес на Здравствен дом Куманово и гимназијата Гоце Делчев.
„Во овој случај постои стручно мислење од еминентни стручни лица кои што го потврдиле јавниот интерес и истата постапка е во тек. Дополнително, во континуитет врз мене се вршат различни форми на притисок и различни обиди за да се издејствува да се обезбеди градежна дозвола. Тоа е глобален случај, каде за жал има инволвирано и лица, носители на највисоко ниво на функции во државата, а дополнително и лица кои што одлучуваат во работењето на Уставниот суд“, изјави Димитриевски.
Според Димитриевски обвинителот Иса Сулејмани постапува целосно пристрасно и своеволно поднел обвинителен поднесок против него до Основниот суд Куманово, иако, како што вели, неговиот адвокатски тим побарал негово изземање од предметот.
Движењето ЗНАМ на претстојните претседателски и парламентарни избори, порача Димитриевски ќе настапи единствено во коалиција со граѓаните.
Најави дека во сабота е закажана седница на Извршниот одбор на партијата, каде како што посочи, ќе биде усвоен роковникот за предлагање и евидентирање на кандидатите за носители и кандидатски листи за пратеници во сите шест изборни единици.
„Посакуваме фер плеј кампања, но за жал ваквите постапки не наговестуваат дека ние во Македонија ќе имаме фер-плеј кампања и легитимни избори. Се надевам дека ќе преовлада разумот и дека сѐ уште има некој и во власта и во органите, кој што ја чувствува желбата на граѓаните да излезат и легитимно да го дадат и искажат своето мислење на демократски избори“, изјави Димитриевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.