Во пресрет на големиот христијански празник Богојавление – Водици Општина Охрид го уредува Градското пристаниште од каде ќе се осветат водите во Охридското Езеро, а локалните нуркачки клубови го исчистија езерското дно каде верниците ќе пливаат по светиот крст.
Екипи на Црвен крст – Охрид на 18 јануари на пункт во близина на Капетанијата ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да скокаат по крстот.
– Апелираме и препорачуваме до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и да се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу девет степени целзиусови, информира охридксиот Црвен крст.
За време на чинот на осветување на водите на Охридското езеро тимови на Црвен крст ќе се грижат за безбедноста на капачите во вода, но и останатите посетители на настанот долж градското пристаниште и во спасителни чамци во вода, нуркачки и медицински тимови за укажување прва помош со амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош.
Предвидена е и традиционалната крводарителска акција „Водици 2023“ под мотото „Една капка може да промени се од 9 до 15 часот во центарот за култура „Григор Прличев“.
Богослужбите во охридските парохиски цркви ќе почнат во 7 часот наутро, а светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде положен точно во 10 часот од Градското пристаниште. Заинтересираните капачи кои сакаат да бидат дел од настанот, своето учество можат да го пријават во сите парохиски цркви во Охрид.
По чинот на Богојавленскиот водосвет, со почеток во 12 часот на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ предвидена е забавна програма за посетителите, со концерт на групата „Чалгија саунд систем“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.