Од годинава општините ќе добиваат повеќе пари со што треба да станат финансиски постабилни и на тој начин да испорачуваат подобри и поефикасни услуги за граѓаните. Со реформата за унапредување на фискална децентрализација предвидено е постепено до 2024 година општините да добијат повеќе приходи од личниот данок на доход и од стапката на дотација од ДДВ.

Сегашните три проценти предвидени приходи за општините по основ на данокот на личен доход треба да се зголемат до шест проценти во 2024 година, а стапката на дотација од ДДВ од сегашните 4,5 проценти да се зголеми на шест проценти во 2024 година.

Зголемувањето на приходите од данокот на личен доход ќе оди постепено. Поточно, годинава тој процент ќе биде четири, следната година пет проценти за веќе во 2024 година да достигне шест проценти.

Постепено зголемување ќе има и кај стапката на дотација од ДДВ така што таа годинава ќе изнесува пет проценти, во 2023 година 5,5 проценти и во 2024 година шест проценти.

Податоците покажуваат дека од 2005 до 2019 година, средствата за општините се зголемени од 5,9 милијарди денари на 37 милијарди денари. Сега, согласно закон, општините добиваат 2,8 милијарди денари преку дотација од ДДВ и преку данокот на личен доход, а со реформата за унапредување на фискалната децентрализација се предвидува овие средства да се зголемат речиси двојно, односно на 5,2 милијарди денари во 2024 година.

Фонд за перформанси (успешност) и Фонд за воедначување

Средствата ќе се распределуваат во три фонда и тоа Основен фонд  во кој ќе одат 4,5 проценти од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година, како и Фонд за перформанси и Фонд за изедначување каде ќе се слеваат по 0,75 проценти од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година.

Општините кои ќе имаат позитивни резултати и повисока реализација на сопствените приходи ќе добијат повеќе средства од Фондот за перформанси, а оние кои имаат пониски приходи заради ограничениот капацитет на ресурси, а покажале добри резултати во собирањето на сопствените приходи, ќе добиваат средства од Фондот за воедначување.

Годинава, кога треба да почне постепеното зголемување на средствата, во Фондот за перформанси и во Фондот за воедначување ќе се распоредат по 0,25 проценти соодветно, додека во Основниот фонд ќе се распоредат 4,5 проценти. Веќе во 2023 година, кога се очекува приходите од ДДВ да се искачат на 5,5 проценти од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година ќе се распоредат 0,5 проценти во Фондот за перформанси и Фондот за воедначување, а за Основниот фонд остануваат 4,5 проценти.

Нови инструменти за поголема финансиска дисциплина

Со реформата за унапредување на фискалната децентрализација се очекува да се зголеми и финансиската дисциплина и да се намалат и репрограмираат доспеаните, а ненамирени обврски.

Општините ќе имаат можност за финансиска консолидација преку 10-годишна структурна обврзница што ќе ја издава Министерството за финансии. Таа е една од трите инструменти што општините ќе ги имаат на располагање во случај на финансиска нестабилност што е регулирано со Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Покрај ова, на општините на располагање ќе им бидат уште два инструмента – условен кредит, кој ќе го издава исто така Министерството за финансии со времетраење од 10 години, како и бескаматна општинска обврзница која е со рок на доставување до 10 години. Бескаматната општинска обврзница ќе се издава по донесување акт за одобрување на емисијата на хартии од вредност од страна на Комисијата за хартии од вредност.

За користење на еден од инструментите, општината ќе доставува барање до Министерството за финансии врз основа на Планот на мерки за надминување на финансиската нестабилност. Барањето ќе содржи податоци за потребниот износ на финансиски средства и можноста за користење на еден од инструментите.

Наспроти досегашната обврска, градоначалникот да прогласува финансиска нестабилност, сега финансиската нестабилност настанува по сила на закон со денот на исполнување на еден од условите пропишани во Законот, без да се чека на донесување одлука од страна на градоначалникот.

Веднаш по настапувањето на финансиската нестабилност, Советот на општината, на предлог на градоначалникот, носи План на мерки за надминување на финансиската нестабилност. Мерките опфаќаат ограничувања на градоначалникот во поглед на користењето на општинските средства по повеќе основи со цел рационално користење на средствата и надминување на финансиската нестабилност. Планот транспарентно се објавува на веб-страницата на општината со цел запознавање на пошироката јавност, а Министерството за финансии го следи спроведувањето на мерките од Планот.

Со зајакнување на фискалната одговорност на општините, се очекува да се зголеми и транспарентноста во нивното работење. Поточно, тие ќе имаат обврска да објавуваат финансиски податоци на своите веб страни, а се најавува и зголемена контрола од страна на финансиската инспекција.

Унапредувањето на фискалната децентрализација е во согласност со Европската повелба за локална самоуправа на Советот на Европа (1985) којашто е прифатена со Декларација и ратификувана и во нашето Собрание во 1997 година.

Децентрализацијата официјално почна од 1 јули 2005 година, согласно Законот за локална самоуправа кој беше донесен во 2002 година. Со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа кој е донесен во 2004 година се уредува финансиското работење на општините, како и фазниот пристап на фискалната децентрализација. Втората фаза од процесот на фискалната децентрализација почна од 1 јули 2007 година со оценување на општините за влез во втора фаза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.