Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) најави штрајк којшто ќе почне од 7 март сѐ до исполнувања на барањата за исплата на плати за вработените во „Национални шуми“.
– Штрајкот ќе се одржи од 7 март и ќе трае сѐ до исполнување на барањата на Синдикатот, а барањата се многу едноставни – редовна и целосна исплата на плата на вработените, надоместоци на плата и додатоци за плата како најболни теренски додаток кој не е исплатен скоро една година, рече на денешната прес-конференција претседателот на СГИП, Иван Пешевски.
Оттаму информираат дека ова претпријатие се соочува со исклучително тешки моменти и не исплаќа плати и придонеси, а вработува нови 400 работници.
Штрајкот, како што беше посочено на прес-конференцијата, е поддржан од синдикалните претставници од сите подружници низ државата на ова претпријатие.
– Да беа паметни претставниците на власта и раководството во „Национални шуми“ немаше на сила да вработуваат луѓе токму пред избори, туку, ќе ја дадеа навремено платата, како во декември, така и во јануари, и во месец февруари. Меѓутоа, многу полесно беше да се изманипулираат луѓето, скоро 400 вработени да добијат работни места, а сега скоро две илјади вработени да не добијат плата, рече Пешевски.
Тој апелираше до претставниците на власта да изнајдат решение како вработените навремено да добијат плата.
Пешевски истакна дека одлуката е никој да не работи, бидејќи, како што рече, никој во моментов не земал плата.
– Доколку некој смета дека треба да работи, слободно нека работи. Меѓутоа, овие луѓе што тука стојат се во име на сите вработени дека никој не сака да извршува повеќе работни задачи затоа што втор месец не носи дома плата, а во меѓувреме и платите каснеа по 15, 20 дена, а беа намалувани без никаков основ и безконсултација со синдикалните претставници, рече Пешевски.
Тој посочи дека платите на вработените се мали, и оти смета дека луѓе кои се инженерски кадар, заслужуваат многу повеќе од 40 илјади денари плата.
„Национални шуми“ има претставништва во 30 градови во државата и одлуката за штрајк се однесува на сите.
– Нашата одлука се однесува на сите и ги повикуваме сите да застанат со колегите кои штрајкуваат и да си ги исполнат своите барања. Единствено на овој начин, како уставно загарантирано право, бидејќи со сите претходни разговори и преговори со менаџментот и со власта излеговме изиграни, излажани, изманипулирани, рече Пешевски.
Во однос на новите 400 вработувања, како што рече Пешевски, оправдувањето било дека има потреба од такви вработени.
– Во државава, сите вработувања се токму пред избори во јавните претпријатија и јавните установи така што, ако имале потреба, нека ги задржат, бидејќи претходно ги водеа како сезонски работници и голем дел од тие вработени не добиваа пензиско, здравствено, ниту плата, рече тој
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.