На вториот дел од Годишната конференција „Година на нови можности“ на првиот панел посветен на енергетиката, се обрати премиерот Димитар Ковачевски, а беа реализирани вкупно четири панели, на коишто говореа министри, експерти, професори, претставници од невладиниот сектор.
„Зголеменото производство на електрична енергија е основа наредниот период да имаме можно намалување на електричната енергија, истакна претседателот на Владата, Димитар Ковачевски на денешната панел дискусија „Македонија како зелен енергетски хаб – како да се претвори кризата во можност“.
Премиерот Ковачевски потенцираше дека стратегијата на Владата, како и експертите ангажирани во енергетскиот сектор, придонесоа да се зголеми производството на електричната енергија, а со тоа да дојде и до намалување на цената на електричната енергија.
„Минатата година ЕСМ успеа да го зголеми производството на електрична енергија за 20% во однос на претходната година. За оваа година планот е повторно зголемување на производството на електрична енергија. Драго ми е што вчера видовме податок дека во текот на вчерашниот ден се произведени над 21 мегават/час електрична енергија, што е најголемо производство во еден ден во изминатите десет години. И тоа дава основа да може да правиме пресметки врз основа на коишто нема да има зголемување на цената на електричната енергија“ рече премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски истакна дека иако очекувањата на сите беа дека ќе има зголемување на цената на електричната енергија на почетокот од годината, со 100% покривање на потребите за електрична енергија за домаќинствата, сметките за малите потрошувачи се намалија за 20%.
„Со менаџирање, Владата не дозволи да има недостатокот од електрична енергија, а со тоа спречи ценовен шок и за граѓаните и за компаниите. Владата минатата година одвои 760 милиони евра, што според податоците од Светска Банка е најголем пакет на антикризни мерки споредено со сите земји од регионот. Со тоа успеавме да ја субвенционираме цената на електрична енергија до 80%. Да не беше таа субвенција, цената на електрична енергија за 600 илјади домаќинства ќе беше пет пати повисока. Малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар, ќе плаќаа три пати повисоки сметки за струја. Од тој аспект сметам дека кризата беше добро менаџирана, бидејќи сите увидовме дека ценовен шок нема и нема да има“, истакна премиерот Ковачевски на панелот.
Премиерот посочи дека инвестициите на Владата во зелената трансформација на земјата се движат во неколку насоки, со што ќе се обезбеди национална енергетска независност, поврзување и диверзификација на енергенси за државата, инвестиции во обновливите извори на енергија, пришто минатата година се инсталирани обновливи извори на енергија над 150 мегавати, што снабдуваат некаде околу 67.000 домаќинства со електрична енергија, унапредување на дистрибутивната и преносната електроенергетска мрежа преку граничното поврзување со сите земји од регионот.
Во рамките на првиот панел се обрати и министерот за економија, Крешник Бектеши, кој кажа дека Владата има зацртана стратешка определба да ја подобри диверзификацијата во снабдувањето со природен гас. Според него, во таа насока е и одлуката на Владата за давање на согласност за вложувањето во ЛНГ Терминалот Александруполис од страна на АД НЕР, како и за интерконекцискиот вод кон Република Грција, чијашто изградба се очекува и да започне во јуни 2023 година и истата да заврши во 2025 година. Бектеши посочи дека останатите две интерконекции, со Србија и со Косово, се во фаза на изработка на проектна документација, односно физибилити студија и стратешка оценка на влијанието на животна средина.
„Исто така со потпишувањето на Договорот за меѓусистемско поврзување за снабдување и дистрибуција на гас на интерконективна точка Ќустендил-Жидилово помеѓу ГА-МА АД и Булгар-транс-газ ЕАД на крајот на минатата година, се овозможи Македонија да може да се снабдува од повеќе извори на гас преку Бугарија. Успеавме да ги зголемиме сегашниот капацитет на гасоводот со Бугарија, со што се ослободија дополнителни капацитети за користење од повеќе снабдувачи и диверзификација на нашите извори на снабдување, како и користење на сите извори што во моментов се присутни пазарот на природен гас во Република Бугарија. Со овој договор се намалува зависноста од руски гас која што ја имаше земјата“, кажа министерот Бектеши.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски кажа дека во тек e реализација на 12 проекти од страна на АД ЕСМ, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1760MW, што е повеќе од постоечката инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM, од 1420MW во моментов. А, важно е да се каже дека АД ЕСМ закупи 10% од капацитетот за течен гас во гасниот терминал во Александруполи, Грција, односно 550 милиони м3 течен гас годишно за период од 15 години.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски кажа дека оние што ќе градат фотоволтаични централи и оние кои што веќе изградиле е потребно да инсталираат и батерии за складирање на електрична енергија, така ќе можат да ја користат струјата од Сонцето и во текот на ноќта и ја најави новината за употреба на батерии за складирање при градба на фотонапонски централи.
Професорот Антон Чаушевски кажа дека енергетската криза во Европа и кај нас донесе единствена поука дека, само земјите кои имаат поголемо домашно производство можат да се соочат побезболно со сите предизвици од економскиот и стопанскиот живот.
Претседателот на Македонската енергетска асоцијација, проф. д-р Кочо Анѓушев кажа дека обновливите извори на енергија се иднината во енергетиката, тоа е факт и светски прифатен тренд и правец, односно да се инвестира и во електрани на сонце, и на ветер, на биогас, вода итн.
Во рамките на вториот панел насловен „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност“, преку видео-обраќање од Брисел, каде што во својство на Претседавач со ОБСЕ, престојува во посета на НАТО и ЕУ институции, министерот за надворешни работи, Бујар Османи нагласи дека надворешната политика останува фокусирана во реализација на клучната стратешка цел: членство во Европската Унија заклучно со 2030 година. Во тој контекст, врвен приоритет останува негувањето на добрососедските односи, вклучувајќи го и дијалогот со Република Бугарија.
Во однос на Бугарија, имаме искрени намери да го вратиме позитивниот тренд на дијалог и соработка, воспоставен минатата година, иако, на краткорочен план, претстојните избори кај нив се отежнувачка околност за прогрес на билатералните односи. Сепак, остануваме посветени на смирувањето на тензиите и деескалација на вжештената атмосфера, која се огледа и во непропорционалните реакции за еден единствен случај, за кој државата веднаш ги презеде сите потребни мерки за негово расчистување. Важно да не дозволиме провокативни тенденции од двете страни на границата да го киднапираат процесот во насока, што нема да е од интерес за двете држави, рече Османи, додавајќи дека оваа година земјата има исклучителна можност да се докаже како кредибилен партнер на меѓународната заедница, преку претседавањето со ОБСЕ, САД-Јадранската повелба, како и со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска на панелот се осврна на позицијата на Македонија во однос на безбедносните предизвици во глобални рамки и укажа на придобивките за земјата од членството во Алијансата. „Многупати во периодот по 24 февруари 2022 година го добивав истото прашање – дали Македонија е безбедна? Одговорот, без сомнеж, јасно и гласно кажан е – да. Нашата татковина и денеска заедно со прогресивните земји, здружени од современите вредности и идеали, ја гарантира сопствената безбедност и дава свој придонес кон колективната безбедност во НАТО“, рече министерката Петровска.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посочи дека 2022 година за МВР беше успешна година со 2,4 тони запленета дрога со вкупна вредност од околу шест милиони евра, со околу 20 тони прекурзори за производство на синтетичка дрога и со рекордни 10,3 тони уништена дрога. Тој потсети дека во 2022 година се сузбиени 15 криминални групи во кои членувале 79 лица, најголемиот број во областа на недозволената трговија со дрога – 12, составени од 51 член, а спречени се вкупно осум меѓународни транспорти, од кои шест на марихуана и по еден на кокаин и хероин.
Борбата против трговијата со дрога и оружје, впрочем како и борбата против корупцијата остануваат меѓу врвните приоритети на МВР и во 2023 година. Ако 2021 година ја завршивме со над 50 отсто зголемување на откривачката функција на полицијата на кривични дела поврзани со корупцијата и спречени коруптивни дејствија во вредност од околу 149 милиони денари, во 2022 година откривме 124 коруптивни кривични дела, за кои кривично се пријавени 164 сторители, со кои била причинета материјална штета, поголема од 227 милиони денари, рече министерот Спасовски.
Деканот на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“, проф д-р Никола Дујовски истакна дека Македонија е најбезбедна земја во Западен Балкан и продолжува да биде фактор на стабилност во регионот.
Претседателот на Евроатлантскиот совет, Исмет Рамадани порача дека државата со членството во НАТО ја зацврстила својата безбедност и сигурноста на граѓаните.
На третиот панел на тема „Фискални, монетарни и даночни политики во време на криза“, министерот за финансии, Фатмир Бесими потенцираше дека нивото на јавниот долг се намали во услови на криза и дека тоа е под Мастришкиот критериум (60%). „Управувањето со јавни финансии е особен предизвик во услови на турбулентно економско окружување. Експанзивна фискална политика која беше водена во периодот на пандемијата, преку таргетирана поддршка за одржување на ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и социјална помош за невработените и ранливите категории на граѓани, резултираше со пораст на буџетскиот дефицит на 8,1% од БДП во 2020 година, придонесувајќи за нагло зголемување на јавниот долг на 59,7% од БДП, достигнувајќи рекорден јавен долг од 61% во 2021 година, која со континуирана заложба за фискална консолидација можеме да се пофалиме дека заклучно со 31.12.2022 година се спушти на ниво од 57,1% од БДП“, рече министерот Бесими.
Тој потенцира дека ќе се продолжи со напорите за фискална консолидација.
Почнавме реформа за воспоставување современ модерен даночен систем, кој ќе значи праведност, ефикасност, транспарентност и ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации, а сето тоа во функција на постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст. Даночната реформа која како концепт ја воспоставивме не значи зголемување на даноци, туку е во насока на проширување на даночната база и ревидирање на даночните ослободување, а кои создаваат нееднаков третман на даночните обврзници, истакна министерот Бесими.
На панелот учествуваше и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, која оцени дека – „од исклучителна важност е да се продолжи со прудентна монетарна политика и фискална политика, втемелени на добро таргетирани и временски ограничени мерки насочени кон најранливите сектори за краткорочно ублажување на ефектите, но уште поважно и на капитални инвестиции, кои ќе го зголемат долгорочниот потенцијал за раст и заедно со структурните реформи ќе ја поддржат трансформацијата на економијата“.
Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска истакна дека должност на УЈП е да воведе целосна дигитализација на процесите и модернизација на услугите кон даночните обврзници, да се намалат бирократските процедури, а да се зголемува ефективноста и ефикасноста на постапките. „Со тоа, ќе го стегнеме обрачот за неформалната економија, а за формалните бизниси ќе обезбедиме фер пазар и конкуренција“, рече Лукаревска. Таа најави дека за годинава се подготвува процес на издавање, достава и прием на фактура во електронски формат.
Академик Абдулменаф Беџети порача дека фискалната историја од пред еден век па се до денес, вклучувајќи ја и последната инфлациска и енергетска криза ни покажува дека токму големите економски кризи се причина повеќе за забрзување на реформите.
На панелот, се обрати и Глигор Бишев, советник на премиерот, потенцира дека фискалната политика ќе го поддржи соборувањето на инфлацијата преку намалување на буџетскиот дефицит, а истовремено преку алоцирањето на значителни средства за инвестиции во инфраструктурата, таа ќе го поддржи растот и конкурентноста на економијата, што ќе биде оптимален микс кој ќе ги оствари крајните цели на стабилност на цените и позитивен економски раст.
На четвртиот панел „Рамномерен регионален и локален развој и придобивки од новиот систем за субвенции во земјоделство“ беше констатирано дека преку конкретни мерки е стабилизирано и зголемено домашното производство на храна, а инвестирано е и во проекти за рамномерен развој на планските региони и на општините.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски рече дека во 2022 година и во услови на криза, преку конкретни мерки е зголемено домашното производство на храна. За оваа година Николовски најави реформи во системот на субвенционирање во земјоделието. „Новиот модел на субвенционирање е дел од најголемата земјоделска реформа, со која обезбедуваме побрз, поефективен и поефикасен модел за субвенционирање со што ќе го зголемиме домашното производство на храна. Основна субвенција за сите земјоделци која авансно ќе биде исплатена и дополнителна субвенција за оние кои обработуваат значајни култури. Како земја лидер по искористеност на ИПАРД 2 програмата, добивме за 62% зголемен буџет со новата ИПАРД 3 програма, односно 97 милиони евра наменети за модернизација и инвестиции во наредните 7 години“, истакна министерот Николовски.
Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов оцени дека владините политики се ориентирани кон граѓаните. „Средствата во Буџетот наменети за рамномерен развој на планските региони и на општините и во услови на криза не беа намалени, напротив, секоја година растат. Во само една година финансиравме 215 проекти. Склучени се договори за финансирање од Буџетот на државата на 150 проекти во општините во сите осум плански региони, седум проекти се финансирани со поддршка на швајцарската Влада, а 58 проекти од ИПА инструментот за прекугранична соработка. Секоја криза е поттик за барање на нови можности, целта е преку реални и конкурентни проекти да ги подобриме услугите и условите за живеење за сите граѓани“, оцени министерот Пенов.
Министерот за дијаспора Џемаил Чупи истакна дека Владата работи на воспоставување на трајни, институционални врски со дијаспората, како значаен ресурс во промовирање и поттикнување на развојот на државата. „Дадовме нов импулс на имплементацијата на Националната стратегија за соработка со дијаспората. Отвораме канцеларии за соработка во 23 општини. Дополнително, во секоја од овие општини ќе биде направено мапирање на дијаспората којашто може да даде свој придонес во развојот на науката и на економијата“, соопшти министерот Чупи.
Според Ленче Николовска, директорка на “Агротим”, во прилог на руралниот развој е и новиот модел на субвенционирање во земјоделството којшто успешно се применува во земјите членки на ЕУ. „Новиот модел на субвенционирање, преку форсирање на договорното производство, поддршка за младите земјоделци, инсистирање на здружувањето на земјоделските производители, модернизирање, дигитализација, поголема контрола на исплатата, авансна исплата е одговор на сите досегашни критики дека субвенциите не се користат правилно, не ги добиваат вистинските земјоделци и немаат развојна компонента. Со овој модел се поттикнува руралниот развој, којшто е еден од клучните приоритети во процесот на нашето интегрирање во Европската Унија“, оцени Николовска.
Со четвртиот панел се заврши дводневната годишна конференција „Година на нови можности“, организирана со цел констатирање на резултатите од работата на Владата во изминатата година и на предизвиците и перспективите на општествено-политички план во претстојната 2023 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.