Соработката да продолжи, да биде ефикасна и функционална, а владите да се воздржат од воведувања унилатерални мерки од секаков вид. Граѓаните да бидат спокојни, бидејќи заеднички работиме и се заложуваме да го одржиме стабилно снабдувањето со храна, порачаа на денешниот онлајн состанок министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и неговите колеги, министрите за земјоделство на Србија, Албанија, Црна Гора, Република Српска и Косово.
Николовски, кој го иницираше состанокот, потенцира дека во моментов Македонија е снабдена со доволни количини храна. Тој повика да се одржуваат отворени каналите за комуникација меѓу земјите и регионалните министерства за потребите од примарни земјоделски и преработени прехранбени производи, како и влезни резерви за земјоделско производство, но и на регионално ниво да се споделуваат информации за можните извори за увоз и преземање соодветни активности за задоволување на тие потреби билатерално или мултилатерално.
Заеднички заклучок е дека македонските, како и граѓаните од регионот не треба да бидат загрижени. Потенциравме дека регионалната соработка треба да продолжи и владите да се воздржат од воведувања унилатерални мерки од било каков вид. Министрите од регионот ја поздравија иницијативата и се согласија дека соработката помеѓу земјите од регионот треба да биде ефикасна и функционална, а граѓаните од сите држави од западен Балкан да бидат сталожени бидејќи заедно работиме да го одржиме стабилно снабдувањето со храна, рече Николовски.
На состанокот стана збор за руско-украинскиот конфликт и потенцијалните влијанија на тековната геополитика врз земјоделскиот сектор на земјите од регионот, состојбата со одржување на пазарите и снабдување со храна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.