Првата работа што ќе ја направиме по промена на власта е да ги ослободиме судството и обвинителството со цел да може да се позанимаваат со криминалот и корупцијата на сите претходни власти, но и на оваа власт, затоа што оваа влада на СДСМ и ДУИ влегува во седма година владеење, а нема скоро никој прогон за ништо при толку афери кои излегуваат во јавноста, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за „Трилинг“ на Телевизија 24.
Николоски потенцираше дека во Македонија во овој момент корупцијата е распространета од најниско до највисоко ниво, практично да не постои сектор кој не е корумпиран и тоа го кажуваат граѓаните.
Пред некој ден имав средби со луѓе од здравство кои велат дека мито зема секој од шалтерски работник, болничар до врвни доктори, за жал. Граѓаните мора да плаќаат мито и тука мора да има прецизни и силни удари со цел да се почитува редот во државава, нагласи Николоски.
Во однос на судството и обвинителството, Николоски посочи дека т.н. судски превиди и праксата покажуваат дека одредени лица преку коалиција успеваат да бидат амнестирани и да не одговараат, како и тоа дека мафијата успева да се инфилтрира во судско-обвинителските кругови.
Судството е апсолутно селективно и јас ова нема да го кажам првпат, мислам дека бев прв што го кажав во јавност дека постои коалиција во која што поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање треба да биде амнестиран и еве се покажува дека е амнестиран преку вакви судски превиди. Во 2005 година кога помина овој начин на избор на судии и обвинители преку т.н. Судски совет и совет на судии и јавни обвинители, тогаш дадов коментар дека ми е страв дека Македонија ќе се претвори во тоа мафијата да се инсталира во судско- обвинителските кругови. Праксата покажа дека се тоа се случува, истакна Николоски.
Тој појасни дека иако ваквите модели доаѓаат од ЕУ и се добри на некој начин, проблемот е настанат во Македонија што таквиот модел не е прилагоден за локалниот менталитет кој го има во земјава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.