Пратеникот Александар Николоски учествува на состанокот на Мониторинг комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, кој се одржува денеска во Париз.
Имено, во текот на јануарската сесија Николоски беше избран за член на оваа Комисија на предлог на политичката група на Европските народни партии, со што за првпат во овој мандат македонската делегација има свој претставник во оваа комисија.
Мониторинг комисијата своите седници ги одржува зад затворени врати, а нејзината главна одговорност е следењето на исполнувањето на обврските преземени од страна на земјите членки според условите на Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и сите други конвенции склучени во рамките на Организацијата во кои земјите членки се страни.
Тоа подразбира почитување на основните вредности на Организацијата, односно плуралистичката парламентарна демократија, како политички, правен и културен систем заснован на почитување на човековите права, владеењето на правото и активна посветеност на владите на земјите членики на вредностите како што се еднаквоста, социјалната интеграција, толеранцијата и почитување на различностите.
На дневниот ред на состанокот ќе се расправа за почитувањето на обврските преземени при зачленување во Советот на Европа од страна на Сан Марино, а предвидено е да има распит и за „Борбата против несоодветното влијание: антиолигархско законодавство во Украина, Грузија и Република Молдавија“. Пратениците ќе го разгледуваат и почитувањето на обврските преземени при членство во Советот на Европа од страна на Франција, потоа почитувањето на обврските од страна на Грузија, Ерменија, Полска, а се очекува да бидат назначени нови известители кои во името на Мониторинг комисијата ќе го следат исполнувањето на обврските на Албанија, Холандија и Босна и Херцеговина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.