Разочараноста мора да ја претвориме во акција, вели поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој најавува камбек во политиката.

Во гостување на ТВ 21, Димитров рече дека тој не престанал да биде активен во политиката по напуштањето на функцијата, но според најавата, тој наскоро ќе обзнани враќање на сцената преку граѓанско движење или политичка партија со која би настапил на следните избори.

Јас долго време јавно зборувам дека не сум престанал да бидам активен. Сум работел со речиси сите и со сите сум се разишол и мислам дека тоа е здраво оти човек кога верува дека се фатиле кривини и не се оди по вистинскиот пат, многу е поздраво да се држи до своето убедување и совест отколку да вика магарето лета … Јас во блиска иднина ќе обзнанам на јавноста во каква форма ќе делувам, така што не би можел сега тој план да го обзнанам. Тоа што можам да го кажам е дека ние имаме проблем како граѓани, дека работите не ни се добри во државата, дека тој проблем нема да ни го реши друг – може да ни помагаат нашите пријатели и од Брисел и од Вашингтон, дека политичките партии нема да се разбудат и да кажат ’малку претеравме, можеби треба поинаку сега, подобро и на друг начин да ја водиме политиката‘. Граѓанството ќе мора да ги натера тоа да го прават – рече Димитров.

На дополнително прашање дали со ова потврдува дека политички ќе се активира, тој рече дека првиот чекор е да се види колку граѓани има што гледаат дека работата не е добра, колку граѓани има што сакаат во оваа држава да има ред и законот да важи на целата територија.

Нашиот спас, додаде Димитров, нема да дојде од еден човек и во вакви услови на големи искушенија, на тешки проблеми, на тешка криза на целиот систем, тој ќе зависи од тоа колку граѓанството ќе излезе од разочараноста и апатијата.

Не само јас, туку и луѓето со кои разговарам и со кои споделуваме исти принципи и вредности, сакаме да го смениме системот. Системот може да се смени на еден или друг начин, за формата за неколку недели ќе зборувам повеќе. Луѓето кога мислат на избори мислат на позиции, на функции … ние сменивме луѓе што беа на функции ама нашата грешка беше што не го сменивме системот и тоа што го кажав како совет на нашите пријатели во Црна Гора, им реков ’нашата приказна што почна битката на добриот против лошиот, за жал, се претвора во оној третиот, во една ситуација кога сите стануваме грди – вели Димитров кој не сакаше да открие дали со него ќе има и други лица кои се познати на јавноста.

А дали кога вели „сите стануваме грди“ мисли и на себе со оглед дека и самиот беше дел од системот, поранешниот министер настапи со одговор дека тој немал свои пратеници во парламентот, а во неговиот ресор (Министерството за надворешни работи) го правел тоа за што зборува сега.

Кога влегов, од 10 амбасадори, осум беа политички поставени, двајца беа кариерни. Кога излегов, бројките беа обратни – осум кариерни, двајца политички поставени. Се обидов да воведам ред и да ги врзам рацете на министерот во МНР, носејќи еден нацрт-закон во владата кој внесува критериуми ама за таа работа немаше политичка волја. Клучната порака ми е дека ако мислиме само дека со промена на власта ќе си ја средиме државата, грешиме. Мора да го смениме системот и да ги турнеме партиите од порите на системот – рече Димитров.

Најавите од поранешниот шеф на дипломатијата доаѓаат на околу една година пред одржување на претседателските избори во земјава, но и на парламентарни, кои ако се редовни треба да се одржат само неколку месеци по претседателските.

За тогаш, веќе е извесно дека во трка ќе влезе уште една опција – граѓанско движење кое изминатиот период го промовира актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски. Тој еден мандат беше на чело на градот како кандидат на СДСМ, но откако не ја доби партиската поддршка за локалните избори во 2021 година настапи независен кандидат со граѓанското здружение „За наше Куманово“. Тој најави дека ова движење ќе се прошири низ цела држава и ќе настапи на следните парламентарни избори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.