Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски најавува зголемување на цените на угостителските услуги во Владините објекти.
Томовски вели, нема повеќе “багатела” јадење на државна сметка, како и дека во изминатиот период, јавноста често со право обрнуваше внимание на ниските и непазарни цени по кои се користеа угостителските услуги на (СОЗР) на Владата.
Во таквите дебати особено беше апострофиран собранискиот и владиниот ресторан, каде цените на услугите и производите беа значително пониски од оние на слободниот пазар достапни за граѓаните. Излегувајќи во пресрет на овие оправдани повеќегодишни забелешки, како и во функција на натамошно рационализирање, на мој предлог како директор на СОЗР, Владата вчера едногласно усвои првична одлука за зголемување на цените на угостителските услуги за 50% – информира Томовски.
Тој вели дека ваквото зголемување на цените не е прекумерно имајќи предвид дека претходно цените беа значително пониски во споредба со приватниот пазар.
Томовски најавува дека во периодот што следува, ќе се прават дополнителни анализи и секогаш кога ќе се јави потреба поради отстапувања од пазарните цени, ќе има корекции на истите.
Важно е да се обезбеди еднаков пристап на сите услуги, но без привилегии за избраните функционери и раководниот кадар – вели директорот на СОЗР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.