До овој момент нема македонски државјани кои се обратиле за помош или евакуација од Либан, информираа од македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.

-Поради влошената безбедносна ситуација во Либан, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија, во неколку наврати ги повика сите наши државјани кои се наоѓаат во оваа држава, да ја напуштат во прва можна прилика и апелираше да се одложат сите патувања кон оваа држава, кои не се неопходни, посочуваат од Министерството.

Оттаму додаваат дека Министерството ги ставило сите свои капацитети за асистенција на нашите државјани преку 24-часовниот СОС дежурен телефон на Министерството за надворешни работи +389 75 268 736 (мејл адреса: globalsos@mfa.gov.mk).

-До овој момент нема наши државјани кои се обратиле до Министерството за помош или евакуација, ниту е пристигнато известување дека има наши државјани кои се наоѓаат во земјата, наведуваат од Министерството.

Ескалацијата на конфликтот меѓу израелските сили и либанската група Хезболах е причина повеќе држави да организираат авионска евакуација за своите државјани. Некои дури и ги повлекоа амбасадорите и другиот персонал од дипломатските претставништва. Повеќе од 100.000 луѓе од Либан преминале во Сирија овој месец, изјави вчера високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.

Во меѓувреме, во последниот израелски напад врз центарот на Бејрут, кој е прв од војната во 2006 година, се убиени тројца членови на палестинската милитантна група Народен фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП), како и лидерот на либанскиот огранок на Хамас, Фатех Шериф Абу ел Амин. Хамас наведе дека тој е убиен во воздушен напад на неговата куќа, при што загинале и членови на неговото семејство. Милитантното движење Хамас е прогласено за терористичка организација од ЕУ и САД.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека повеќе од 1.000 Либанци се убиени и 6.000 ранети во последните две недели, а Владата информира дека милион луѓе или една петтина од населението ги напуштиле своите домови.

Но, има најава и за дополнително заострување на ситуацијата. Дел од израелските медиуми објавија дека, Израелската армија привршува „значајни операции“ како подготовка за копнена инвазија врз јужен Либан, иако сè уште не е донесена политичка одлука.

Заменик шефот на Хезболах, Наим Касем, во своето прво обраќање откако израелската армија минатата недела го елиминира лидерот Хасан Насрала, изјави дека движењето е подготвено да се спротивстави на израелската копнена инвазија врз Либан.

– Израел нема да ги реализира своите цели. Ќе се соочиме со која било можност и подготвени сме ако Израелците одлучат да влезат (во Либан) по копнен пат, а силите на отпорот се подготвени за борба на копно, посочи Касем и додаде дека Хезболах во првата прилика ќе избере наследник на убиениот Насрала.

Поради ескалацијата на ситуацијата високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел за вчера попладне закажа вонреден онлајн состанок на шефовите за дипломатии на членките на Унијата со единствена точка на дневниот ред – актуелната состојба во Либан.

– Нашата порака е многу јасна, изразуваме жалење за цивилните жртви и бараме итен прекин на огнот, истакна портпаролот за надворешни работи и безбедносна политика на ЕК, Петер Стано, додавајќи дека ЕУ својот став за случувањата во Либан го искажа во минатонеделната изјава на Борел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.