На денешен ден во 2001 година во 8 часот наутро воено товарно возило со припадници на безбедносните сили на АРМ нагази две противтенковски мини кај месноста Љуботенски бачила, при што загинуваат осум припадници на резервниот состав на АРМ од гарнизонот Скопје. Покрај осуммина убиени имаше и осуммина повредени.

Животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски.

Веднаш по нападот почнува неколкучасовна престрелка меѓу ОНА и втората чета на Третиот баталјон, од каде што се и загинатите војници. Во текот на престрелката е извршен воздушен напад врз формацијата на ОНА со хеликоптери „ми-24“ и тие се повлекуваат.

На три локации во општина Ѓорче Петров денеска ќе биде одбелжана 21 година од загинувањето на бранителите кај Љуботенски Бачила.

Цвеќе ќе биде положено на Спомен-чешма на Томислав Настевски-Бумбар, на Споменикот на бранителите во Волково, каде ќе биде и централната манифестација, и на Споменикот на бранителите во реонскиот парк.

Кој е Марјанчо Бошковски?

Марјанчо Бошковски е роден на 14 јуни 1973 година во скопската населба Бутел. Најблиските го опишуваат Марјанчо како човек многу го красеше дружељубивоста, работливоста и хуманоста. Марјанчо е момчето од спотот „За доброто на сите“. Режисерот веројатно, кога го зел за снимање, сметал на неговиот ведар лик и постојаната насмевка што го красела неговото лице. Впрочем, поради оптимизмот и позитивната енергија што зрачале од него, Бошковски бил омилен меѓу сите во населбата. Бутел е со мешовито население, а Марјан се дружел со сите: Македонци, Срби, Албанци, Роми и Бошњаци. Тоа го потврдуваше и неговиот погреб. Марјанчо во својот кус живот работеше се и сешто. Од Ѓорче Петров до Драчево и од Водно до Топанско Поле, во изминатите години работеше во повеќе перални за возила и во повеќе колонијални продавници. Ниту еден од сопствениците не го избрка заради неодговорност или поткрадување. По неколку месеци работа во некој дуќан, тој сам си заминуваше. Други, што случајно ќе се запознеше со нив, му ветуваа подобри услови и заминуваше. Му здосадуваше иста работа и бесперпективност и затоа трагаше по попристојна работа и надеж дека еден ден ќе дојде до сопствена работа. Се го интересираше и во многу работи се разбираше. Три години пред да започне конфликот во Македонија починал таткото на Марјанчо.

Бошковски бил гардист во АРМ. Подоцна неколку пати бил земан на вежба. Последен пат е мобилизиран на 19 март 2001 година. Оттогаш до денот на загинувањето, 10 август, со мошне куси прекини, постојано бил по рововите на Скопска Црна Гора. Поради лоша координираност и евиденција, во времето додека бил мобилизиран од АРМ, го барала и полицијата. Луѓето од полициската станица „Бит-пазар“ телефонски го барале неколку пати. Мајка му или сестра му одговарале дека Марјан одамна е мобилизиран во АРМ. По едно навраќање дома, мајка му кажувала на Марјанчо за настанот. Тој пак се насмеал и само одговорил: Не е битно. Можеби некои момчиња се кријат, но ако сите се криеме, кој ќе ја брани татковината? Не се грижете, ќе поминам во станицата и ќе се разбереме. Во текот на војната 2001 година, Бошковски на секого од другарите од рововите барем еднаш му го спасил животот. Во врска со јулскиот земјотрес во Кумановско, соборците велат дека не биле точни радио информациите дека имало посилен земјотрес. Тој ден биле во близина на Матејче. Марјанчо тогаш открил огромен склад за оружје и муниција. Отиде сам и го крена складот во воздух. Долго потоа земјата се тресеше и одекнуваа подземни детонации. Кога се враќале на позициите, претпоставените веќе знаеја кој го сторил тоа, и од милост, Марјанчо го прекрстија во „Рамбо“.

На 8 август 2001 година требаше да се раздолжи и да се врати дома. Веќе му беше подготвено решението за редовен работен однос во АРМ. Бидејќи не беше дојдена комплетната смена, Марјанчо и неговите соборци остануваат уште два дена, до кобниот 10 август, каде што ќе загине кај Љуботенски Бачила. На враќање од позициите, камиончето застанало пред чешмата, се напиле вода и наполниле шишиња. Потоа, само што тргнале, експлозијата го разнела возилото. Десетина, петнаесет метри од патот, имало терористичка заседна со пет до шест вооружени терористи. Тие ги активирале експлозивите, а и припукувале на камиончето. Тогаш од позициите повисоко на планината дотрчал војник пукајќи со автомат да ги заштити настраданите. Терористите се разбегале и немале можност да ги дотепуваат настраданите. Марјанчо починал на патот кон болницата.

Во текот на транспортот, Марјанчо имал кус дијалог со лекарот што бил во екипата за извлекување на ранетите и убиените кај Љуботенски Бачила. „Докторе, однесете ме дома“, му рекол на лекарот. „Стрпи се уште малку и се ке биде во ред“, му одговорил лекарот.

Марјанчо пак, му вели: „Знам дека тука ми е крајот. Однесете ме дома само да ги видам сестра ми и мајка ми. Само да ги видам. Не ми е жал што ќе умрам, загинав за Македонија”

Марјанчо Бошковски постхумно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Р. Македонија. Бошковски остана неженет и без деца.

Случајот Љуботенски бачила не е сосема расветлен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.