Назначувањето на началникот на ГШ на Армијата генерал – мајор Сашко Лафчиски е согласно закон и сите прописи, изјави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски и потврди дека од страна на Антикорупската комисија е отворен предмет за новоназначениот началник.

-Стигната е претставка, односно барање од ДКСК, ќе биде одговорено во најбрз можен рок од страна на Министерството и од стана на ГШ, исто така има доставено до претседателката, сите заеднички ќе одговориме. Но јас сакам да ве уверам дека е согласно закон и сите прописи, рече Мисајловски на новинарско прашање по примопредавањето на опрема од Република Турција за Армијата во касарна „Илинден“.

Началникот на ГШ, генерал мајор Лафчиски прашан дали го контактирале од ДКСК и кој е неговиот коментар за тоа, рече дека ова е прашање во надлежност на претседателката на државата, но и тој смета дека се е согласно закон.

-Јас, пред се, сум војник, носам униформа. Тука сум да командувам и да раководам со Армијата и да служам на Македонија. Не би коментирал никакви наредби, никакви укази од страна на претседателката, а помалку не би коментирал укази и наредби кои се согласно со закон, рече Лафчиски.

Државната комисија за спречување корупција отвори предмет во врска со назначувањето на Лафчиски за нов началник на Генералштабот на Армијата, по претставка од страна на опозициската Алијанса за Албанците која смета дека „тој не ги исполнува потребните услови за позицијата, бидејќи наводно бил четири нивоа под стандардите што се бараат за позицијата, и оти неправедно и незаконски го зазел местото што му припаѓало на Албанец“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.