Во обраќањето од Охрид претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати важна порака до целата јавност. Зборувајќи за одговорноста која ја носи самото име на партијата, Мицкоски се осврна на националното единство кое низ годините како да се заобиколува.

Нашето име е ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО – Демократска партија за македонско национално единство. Тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО и континуитетот на кој се повикуваме како идеја и организација која ја славиме и која е нераскинлив дел од македонското национално движење и можеби најзначајна за македонскиот национален идентитет, туку истовремено и поради обврската и одговорноста која и вториот дел од името ја носи со себе. Долго време таа обврска и одговорност како да се одбегнуваше, некогаш занемаруваше, некогаш впрочем и попусти беа обидите да се оствари, но обиди, иако неуспешни, имало.

Јас сакам да успеам во тоа. И мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум и запирање на сите напади кон партиите Левица и Знам. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ, но и како моја обврска да пробам да го реализирам идејата за национално единство во моменти кога тоа ѝ е најпотребно на државата, во моменти кога државата е одземена од народот и во рацете на неколкумина корумпирани политичари од ДУИ со неколкумина корумпирани политичари од СДСМ кои се седнати во скут кај овие од ДУИ.

Со Левица и Знам имаме свои разлики. По повеќе прашања и од идеолошка, но и од принципиелна природа, но ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја кдинапираа државата од рацете на граѓаните. Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик без разлика на лични и партиски суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор, рече Мицкоски.

Македонија мора да се обединува по сите основи, за тоа да се случи мора да се почне од некаде, и нема подобар период од тоа тој процес да започне токму сега и токму од нас, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

И ова нема никаква врска со можни изборни коалиции и комбинаторики, ние очекуваме историски резултат, и историски највисока победа, и за тоа се свесни дури и нашите политички противници без разлика што мораат како што самите викаат да не се откажат од нивната иднина, попрецизно ќе беше нема откажување од својата фотеља, додаде тој.

Мицкоски рече дека и во иднина ќе има моменти кога националното единство ќе е неопходно исто како што ќе има моменти кога ќе се прејде на едно граѓанско единство без разлика на етничката припадност, затоа што ова е земја на сите граѓани кои живеат во неа.

Затоа мојата порака е нема откажување од граѓаните, нема откажување од единството помеѓу сите нас, затоа што сите ние заедно сложни со силата и капацитетот на сите нас, сме иднината на ова земја, рече Мицкоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.