Амбасадата на Република Србија во Македонија денеска преку соопштение најостро го осудува вандалскиот чин што се случи вчера кога од фасадата на зградата на Конзулатот на Република Србија во Куманово, во доцните вечерни часови, младо машко лице, обвиено со албанско знаме, насилно ја отстранило таблата со грбот на Република Србија и натписот „Конзулат на Република Србија во Куманово – Почесен конзул“, напишан на српски и македонски јазик.
Понатаму во соопштението се наведува дека Амбасадата на Република Србија во Скопје изразува длабока загриженост во врска со вчерашното сквернавење на државните симболи на Република Србија и загрозување на безбедноста на просториите на Конзулатот на Република Србија во Куманово, особено имајќи го предвид фактот дека просториите на дипломатско-конзуларните претставништва и резиденцијални објекти наменети за членовите на дипломатскиот персонал на Република Србија, не е првпат да бидат предмет на вандалски напади на територијата на Македонија.
Во овој поглед, Амбасадата нагласува дека е целосно посветена на соработка со надлежните органи на Република Македонија, со цел што поскоро откривање и процесуирање на сторителот на насилниот чин, чиј идентитет може недвосмислено да се утврди врз основа на достапните снимки од безбедносни камери. Амбасадата на Република Србија останува посветена на негување пријателски односи со Република Македонија и изразува уверување дека надлежните органи на земјата домаќин, во духот на развиените билатерални односи и добрососедството, ќе направат се за да се реши овој случај на адекватен начин, стои во соопштението од српската Амбасада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.