Наместо урбана џунгла со високи згради, на местото кај „Шик Јелак“ да се направи убав градски парк кој што ќе го користат сите жители на Тетово, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој што во рамките на изборната кампања за предвремените избори за Совет на Општина Тетово, беше запрашан за коментар за постапките или не постапувањето по овој корупциски случај кој што тој го објави во јавноста.

Додава дека тоа може да се реализира на начин што, владата треба да го откупи земјиштето кај фабриката по иста цена по која го продаде и истото да го поклони на Општина Тетово.

Николоски посочи, дека откако Советот на општина Тетово го поништи Деталниот урбанистички план за делот кај што е лоцирана некогашната фабрика „Шик Јелак“, од владата повторно се обидуваат да го заживеат овој проект кој што предвидуваше изградба на високи згради, па така адвокатското друштво на поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов е адвокат на контроверзниот црногорски бизнисмен, Миодраг Дака Давидовиќ.

„Новото мнозинство во советот го поништи деталниот урбанистички план и тој е вон сила, но слушам дека од владата се обидуваат повторно да го заживеат овој проект. Па така, случајно или не адвокатското друштво „Шилегов и партнери“ е адвокат токму на Миодраг Дака Давидовиќ, што многу зборува во однос на случувањата кои што се случуваат во Општина Тетово и обидот да се направи урбана џунгла кај Шик Јелак. Ние мислиме дека таму треба да има парк, мислиме дека државата треба да го откупи земјиштето по истата цена по која што го продаде и да го подари на општина Тетово, а општина Тетово таму да изгради еден убав градски парк, кој што ќе можат да го користат сите жители на Тетово“, рече Николоски.

Николоски потсети дека контроверзната одлука за продажба на „Шик Јелак“ беше прва одлука на Влада, која што мнозинството на СДСМ и ДУИ ја донесе после изборите во 2020 година, за што постојат и сериозни индиции за корупција кај тогашни високи владини функционери и тоа може да се види, како од материјалите што тој ги објави така и од прислушуваните разговори кои протекоа во јавноста.

„Точно, прва одлука која што ја донесе мнозинството претходно во советот на Општина Тетово на СДСМ и ДУИ, веднаш после формирањето на владата во 2020 година, беше, деталниот урбанистички план за Шик Јелак, кој што во многу спорни услови е продаден на контроверзниот црногорски бизнисмен со српско потекло, Миодраг Дака Давидовиќ. Јавноста тогаш беше запозната и преку документи кои што ги извадивме, но и преку разговори кои што протекоа во јавноста, дека има силни индиции за корупција кај највисоки владини функционери, пред се мислам на тогашниот Генерален секретар на владата, како и поранешната градоначалничка на Тетово. Се споменуваа разни имиња кои треба да добие плацеви за бизниси и кој требало да добие два милиони евра во кеш, кој веќе добил шест милиони во кеш и така натака, за да се приватизира тоа земјиште. И тоа земјиште беше приватизирано по смешна цена, преку фирма која што е основана во даночните рајски острови, односно во Панама за што, исто така, извадивме документи“, истакна Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.