Поранешниот генерал-мајор на специјалните единици на македонската полиција, а денеска директор на ЦУК и претседател на Достоинство, Стојанче Ангелов во „Утрински брифинг“ зборуваше за 21-годишнината од масакрот во Вејце, терористичкиот напад во Диво Насеље и упадот во Собранието, за кој побара амнестија за учесниците.
Јас не сум тој што треба да простува. Бев ранет во Арачиново. Достоинство секоја година го одбележува овој настан во Вејце. Во 2015 година повторно имавме обид за дестабилизација во Диво насеље, кумановско. Процесот на помирување успешно тече иако има помала нетрпеливост меѓу Македонците и Албанците. Во редовите на АРСМ и МВР работат одреден број некогашни членови на УЧК, но тие функционираат нормално, вели Ангелов.
Денеска општеството е поподелено по политичка основа отколку по национална поделеност, коментира Ангелов и додава дека тоа е карактеристично и за Македонците и Албанците.
На 27 април 2015 година Македонија беше на раб на граѓанска војна, а во Собранието имаше и Македонци и Албанци. Факт е дека никој не загина. Тие што влегоа во Собранието тогаш несвесно го сторија тоа затоа што беа наведени да мислат дека тоа е патриотски чин. Го осудувам чинот во Собранието, најневините завршија во затвор, а инспираторите се на слобода. Затоа повикуваме овие луѓе што се во затвор да бидат амнестирани. Ние сме амнестирале луѓе со гласање во Собранието за многу тешки кривични дела сторени од УЧК, а според мене тоа зло беше направено за заземање територија, вели Ангелов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.