Не оправдувам насилство од каков било тип и секогаш го осудувам и ќе го осудувам, исто како, што ќе ја осудам и ќе се спротивставам на секоја провокација која доаѓа од внатре или од надвор, а која што ги повредува чувствата на Македонците и која што буди немир помеѓу нашите граѓани и за мене такви провокации се недозволиви, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарски прашања поврзани со минатонеделниот инцидент во Охрид.

Тој повика на смиреност и разум, но порача и дека не треба да бидеме наивни, бидејќи, според него, ова е класична дистракција на еден навистина перфиден начин за да се одвлече вниманието од нашата европска иднина.

– Сето ова што се случува има импликации, затоа што ова не е натпревар кога играат Пелистер и Вардар или МЗТ и Работнички, ова за што ние денес зборуваме е нашата иднина. Јас летово не седев и не преговарав во Брисел со 27 земји членки на ЕУ со едно горко чувство, како што го делеа и нашите сограѓани, особено Македонците во однос на целиот јавен наратив и целата хистерија која што беше направена во нашето општество преку провокации кои доаѓаа од внатре и од надвор и кога заедно со моите колеги носев одлука за европската иднина на нашата држава, на нашите сегашни и на нашите идни генерации, за да сега стоиме тука и да гледаме како безмилосно направено насилство влијае врз сето она кое што е сработено и кое што се случува во државата преку овие насилства, практично ја киднапира нашата меѓународна и европска политика, потенцира Ковачевски.

Премиерот нагласи дека нема да дозволи државата „да се одвои од европскиот пат“, па и затоа ќе инсистира овој проблем да се реши на најбрз можен начин, затоа што ние треба да продолжиме кон ЕУ.

– Најважно е што тие коишто ги иницирале настаните од минатата недела и настаните коишто претходеа претходно не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ, додаде Ковачевски.

Тој изрази задоволство што институциите реагираат брзо по инцидентот во Охрид и што МВР успеа веднаш да ги пронајде напаѓачите и да постапи соодветно во овој случај.

-Верувам дека брзо ќе биде расчистен целиот случај и дека по истиот согласно со пријавите ќе постапува и ОЈО, кое има надлежност во однос на овој случај, истакна Ковачевски.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи пак вели дека нему не му е важно што ќе каже истрагата за нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ Христијан Пендиков во Охрид, туку што ќе каже „оштетениот“ и неговите родители, во интервју за бугарската телевизија „БТВ“.

Османи вчера беше да го посети Пендиков во болница во Софија, откако тој беше пренесен таму на лекување со бугарски владин авион.

„Мене ми е важно тоа што го кажува самиот Христијан и мајката на оштететниот, а тоа е дека е поради изразување на етничка припадност, и покрај тоа што еве сторителите кажуваат обратно, дека имале претходно некакви си разлики“, рече Османи во интервјуто.

Таа теза Османи ја повтори и подоцна во интервјуто.

„Како што кажав за случајот на Христијан, не ми е важно што ќе каже истрагата. Мене ми е важно што родителот на Христијан вели дека бил нападнат поради бугарска етничка припадност. И мене ми е тоа доволно за денес да дојдам во Софија и да пратам порака“, вели Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.