Министерството за образование и наука (МОН) тврд дека учебници за учениците кои в петок, на први септември ја почнуваат новата училишна година ќе има, но признава дека нема учебници за трето и шесто одделение. Од МОН велат дека учениците ќе имаат на располагање помошни матерјали и прирачници, кои ги изготвило Бирото за развој на образованието и тие ќе бидат достапни само во електронска форма на веб страницита на Бирото.

Еден мал дел учебници, кои не се испечатени се всушност сé уште во постапка, односно за одобрување на истите одлучува Националната комисија за учебници, по што и тие ќе бидат испечатени и испорачани. Во меѓувреме на располагање ќе бидат помошни материјали за ученици и прирачници за наставници кои ќе ја збогатат наставата. Истите се изработени од страна на Бирото за развој на образованието и ќе бидат достапни само во електронска форма на веб страната на Бирото. Секако, постои можност секое училиште на своја иницијатива, индивидуално да одлучи да ги испечати, велат од МОН.

Од опозициската ВМРО ДПМНЕ обвинуваат дека власта, предводена од СДСМ и ДУИ е неспособна да обезбеди учебници за почетокот на школската година.

Наместо неосновани критики и ширење на дезинформации, Министерството за образование и наука ги повикува политичките субјекти кои сакаат да дадат придонес кон унапредувањето на квалитетот на националниот образовен систем, да го сторат тоа преку конструктивни сугестии. Како институција сме отворени за соработка со секој добронамерен општествен чинител кој мисли добро на државата и нејзината иднина, велат од МОН.

По однос на интегрирањето предмети, јавноста знае дека овој процес не е нов, се спроведува десетина години наназад и како резултат на истиот е произлезен предметот природни науки, за кој досега никогаш немало реакции.

Интегрирањето на предмети не предвидува укинување на содржини. Историја, географија, биологија, хемија, физика и натаму ќе бидат дел од науките што ќе бидат соодветно застапени во наставниот план за основно образование, а ќе ги предаваат наставниците што и досега ги предаваа овие предмети. Секој наставен предмет ќе има повеќе модули што ќе овозможат ученикот да ја изучува наставната содржина од повеќе аспекти, односно да добие поцелосна слика за одредена случка, процес, состојба и слично, велат од МОН.

Од Министерството додаваат дека ниту еден наставник нема да остане без работа, без часови, заради воведување на новите интегрирани наставни програми. Бројот на часови е идентичен како и порано, а она што го воведуваме со новите програми е новиот пристап, базиран на искуствено учење, на поврзување на она што се учи со реалноста, на учење преку експерименти, развивање на критичко мислење.

Како поддршка на наставниците и на учениците во реализацијата на новите програми се новите кабинети по природни науки, опремени од страна на МОН со поддршка на Светска Банка минатата година, како и новите наставни и нагледни средства за предметите од групата на општествени науки, како историја и географија, набавени годинава.

Големо олеснување за наставниците ќе биде воведувањето на новиот електронски дневник кој треба да ги надмине предизвиците на кои тие укажуваа досега. Софтверското решение е веќе изготвено, со поддршка од ИПА фондовите на ЕУ и е во фаза на тестирање, по што ќе пилотира во одреден број училишта до конечно имплементирање во сите училишта во државата.

МОН ќе продолжи да ја имплементира Концепцијата за основно образование и покрај обидите на одредени политички чинители, да го поткопаат процесот на реформирање. Две фази се веќе успешно спроведени, следи третата која ги опфаќа трето и шесто одделение, а следната година и останатите, погорни одделенија – седмо, осмо и деветто.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.