Министерството за образование и наука соопшти дека продолжува процесот на изработка на нови учебници и наставни материјали за учениците од основното образование, кое се реформира согласно среднорочен акциски план на МОН и другите надлежни институции и засегнати страни.

Објавен повик за автори за поднесување предлог учебници за наставните предмети во трето одделение за учебната 2023-2024 година, за кои Бирото за развој на образованието веќе изготви нови наставни програми. Повикот се објавува порано од досегашната вообичаена практика, за да се обезбеди сигурност дека постапка за одобрување на учебниците за трето одделение по македонски, албански, турски, српски и босански јазик, како и по математика, природни науки и општество, ќе заврши пред почетокот на учебната година следниот септември, информира МОН.

Право на учество на конкурсот имаат сите автори кои ги исполнуваат условите пропишани со членот 10 од Законот за учебници за основно и средно образование. Притоа, на конкурсот може да учествува автор на учебник само со еден ракопис за учебник за еден наставен предмет и истиот треба да биде изработен според наставниот план и програма за соодветното одделение и согласно Концепцијата за учебник за основно и средно образование.

Крајниот рок за доставување на ракописите за учебници е 13.2.2023 година.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.