После одлуката на СОНК дека штрајкот продолжува, со реакција вечерва се огласија и од Министерството за образование и наука, во која потенцираат дека било разумно наставата да продолжи, а преговорите да се интензивираат.

„Секој изгубен ден и час од образовниот процес е на директна штета на учениците и никој не може да ги надомести. Затоа, Министерстевото за образование и наука ја поздравува иницијативата од Советот на СОНК за интензивирање на преговорите за зголемувањето на платите на наставниците но не и одлуката да се продолжи со штрајк.

Неодговорно е да се инсистира на продолжување со прекинот на наставата, во услови кога на наставниците им е понудено решение за раст на платите. Разумно е штрајкот да се стави во мирување, а синдикатот да продолжи со преговорите, се до постигнувањето на решение прифатливо за сите страни. Во спротивно, СОНК ќе биде единствениот одговорен за непоправлива загуба на учениците и на родителите“, се вели во реакцијата на МОН испратена вечерва до медиумите.

„Ги повикуваме наставниците да почнат повторно да делуваат во најдобар интерес на децата и да се вратат на настава. Зголемување на платите во образование ќе има, како што имаше и во изминатите 5 години. Понудено е зголемување за 10% кои ќе се обезбедат со ребалансот на Буџетот. Тоа значи повисоки плати на наставниците за 2.500 денари месечно. Понудивме и методологија со која ќе обезбедиме континуиран раст на платите и трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образование.

Да потсетиме дека претходно, низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците од 21 %. Со ова зголемување платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24.786. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4.300 денари плус минат труд и просечно платата е 25.874.

Наставници, ставете го интересот на децата пред својот личен интерес. Местото на учениците е во училиште. Правото на образование на секое дете е уставно загрантирано право“, се вели во реакцијата на МОН.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.