Сите чинители на воспитно – образовниот процес, можат да дадат свои сугестии за унапредување на постојните наставни програми за седмо и осмо одделение кои се веќе изработени и да учествуваат во изработка на новите за деветто одделение, преку електронските адреси nastavniprogrami7@mon.gov.mk , nastavniprogrami8@mon.gov.mk и nastavniprogrami9@mon.gov.mk, информираат денеска од Министерството за образование и наука.
Од МОН потенцираат дека заедно со Бирото за развој на образованието од денеска почнуваат јавна консултација за наставните програми од седмо до деветто одделение, со цел оние кои се веќе изработени да се унапредат, а новите кои треба да се подготват, да ги содржат сугестиите, особено на наставниците практичари, чие мислење, како што нагласуваат е најважно во процесот на обликување на воспитно – образовниот систем.
Новата Влада ја одложи имплементацијата на Концепцијата за основно образование во седмо, осмо и деветто одделение, поради бројните реакции во јавноста дека интегрирањето на предмети ја отежнува реализацијата на наставата, но и на оценувањето, создавајќи конфузност и кај наставниците и кај учениците. Незадоволството од нискиот квалитет на воспитно – образовниот процес иницира промени, кои неопходно е да бидат креирани преку поширок консензус, се вели во соопштението од МОН.
Од Министерството ги повикуваат сите заинтересирани да дадат свои сугестии, а особено проактивност очекуваат од наставниот кадар. Сугестиите и предлозите треба да се достават најдоцна до 31 август. Во интерес на транспарентноста на процесот, МОН и БРО ќе ги споделуваат пристигнатите сугестии, а за сублимирањето и креирање заклучоци, ќе се дискутира на јавен настан.
Надградените, односно новите наставни програми ќе се воведуваат етапно, во 2025 година во седмо, 2026 година во осмо и во 2027 година во деветто одделение.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.