Согласно Устав секој има право да ги користи демократските алатки да го изрази своето незадоволство. Но, доколку тоа незадоволство биде на штета на унитарниот карактер или на штета на законите и Уставот, тогаш ние како Влада ќе мораме тоа да го заштитиме, изјави премиерот Христијан Мицкоски во врска со вчерашната изјава на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека „оваа влада нема етнички легитимитет“ и дека тие ќе го демонстрираат нивното незадоволство од таа „неправедна одлука и непочитувањето на легитимитетот“.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски рече дека „Македонија е демократска земја“ во која правото на секој граѓанин не е гарантирано по етничка припадност, туку како право на граѓанин. Како што рече, вчудоневиден е од ДУИ и од раководството на таа партија што не извлекле поука „дека е потребно да го искористат овој период во опозиција да се реформираат кадровски и програмски“ за на наредни избори да понудат нови решенија.
– Вчудоневиден сум како раководството на ДУИ ги дели Албанците како никој досега во минатото во Македонија, на Албанци коишто се подобни, и Албанци коишто се неподобни. Тоа го прави раководството на ДУИ коешто се повикува на легитимитет од страна на Албанците. Јас жалам што продолжуваат да тонат во своето политичко мочуриште и мојата порака до нив е исто како и кон СДСМ, ви подаваме рака – секогаш кога станува збор за државниот интерес, интересот на граѓаните и државата да застанат рамо до рамо со владините политики и да изградиме политика, да изградиме консензус, истакна Мицкоски по поставувањето камен-темелник за нова градинка во општината Бутел.
Додаде дека не сака „да биде ова еднонасочна улица“ туку двонасочна, затоа што, рече, „на граѓаните им е преку глава од политички игри, сплетки и поделби“.
-Граѓаните сакаат единство, сакаат вакви проекти, сакаат да реализираме нешто коешто ќе значи додадена вредност во нивните животи. Тоа како Влада се обврзавме дека ќе го правиме и, како што гледате, еве веќе осми ден тоа и го правиме, рече претседателот на Владата.
На прашањето дали „се стега обрачот околу ДУИ“ со првите одлуки на Владата, како што е поништувањето на одлуката за факултет за здравствени науки на Универзитетот на Рамиз Мерко во Струга и укинувањето на економските директори во Клиничкиот центар, Мицкоски за планираниот факултет одговори дека се работи за укинување на претходно издаденото решение бидејќи, рече, „спротивно е на законите и не ги исполнува критериумите и условите“.
-Ако длабоко навлезете во таа постапка, ќе видите дека практично комисијата којашто претходно издала согласност, истата таа комисија ја поништува претходно издадената согласност. Така што на Министерството не му преостануваше ништо друго, освен да постапи по тие насоки, и затоа претходната согласност за организирање на таков тип студии на универзитетот е практично поништена таа согласност и сега тие таму немаат веќе право да организираат таков тип на високообразовна настава, рече Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.