Со низа свечености и манифестации под слоганот „Борбата трае“ денеска се одбележува 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република и 80 години од Првото заседание на АСНОМ.

На централната манифестација за одбележување на Илинден – Денот на Републиката во Крушево на Гумење и на Мечкин Камен, се обраќа премиерот Христијан Мицкоски, кој претходно положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот Слива и на Мечкин Камен.

Денес е светол ден за Македонија. Го празнуваме херојското дело и подвикот на илјадници кои славната 1903 година кренале востание, кое не е само востание за слобода, туку и востание на слободарскиот дух, борба за правдини, верба во вредности и надеж да се победи по векови ропство, падови, тежок живот и бројни жртви. И имаме долг, кон историјата, но и пред себе, како луѓе да покажеме достојна почит и со сериозно достоинство и поклон да се однесуваме кон делото и херојството на овие луѓе. Треба секој од нас овде, и насекаде низ светот, да знае дека хероите на оваа земја беа скромни и пркосни луѓе кои со своите животи ја плаќаа слободата која денес ја имаме и живееме. Секое парче земја по која денес се движиме е натопено со крвта на Илинденците, со маката и жртвата на илјадници пред тоа, што само дава одговор дека нашата борба има континуитет, таа траела и опстојувала, дека хероите на оваа земја се сите оние кои на свои плеќи со своја жртва ја плаќаа скапата цена на слободата која имаме денес, започна премиерот Мицкоски.

Во говорот тој се осврна и на визијата на илинденската генерација. Во време кога во Европа монархиите го доживуваат својот врв, на Балканот се раѓа република.

Овде среде лутиот Балкан, во поробена Македонија, во малото и славно Крушево се раѓа Републиката, чии темели се потпираат врз идејата за демократија, народно владеење и целосно почитување на човековите права, Мицкоски го потенцира фактот дека секогаш во кодот на нашиот народ била почита на народната волја, колективните права и достоинството на поединецот.

Овие шуми и падини не се сведоци само за громогрласното ехо УРА за слободна Македонија, туку и на жртвата која ја дале комитите за слободата што ја имаме денес, но и за неспорното дело на Внатрешната македонска револуционерна организација ВМРО, мајката на македонската борба за слобода.

Дел од луѓето на четите на славните војводи Никола Карев и Питу Гули беа и со ненавршени 19 и 20 години, со огромна енергија и жар ги положуваа животите водени со мисла, идеја, верба и надеж за слобода каква имаме денес и иднина за која се бориме и денес. Тие го даваа најскапото. За нашата иднина, рече Мицкоски.

Со Крушевската Република тие ни оставија наследство на борба и надеж – наследство кое денес гордо го носиме и го чуваме како најголема светост.

Ехото на денешниот настан, на слоганот „Борбата трае“ извира од зборовите на нашиот голем револуционер Гоце Делчев, кој рекол: „Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех! Јас сакам револуција со кадарни граѓани подготвени да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба…“.

Илинден не е само историска приказна или историски сон, туку пред се историска вистина. Илинден е нашиот најсилен повик за акција и единство денес, рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.