Ние стоиме со амбасадорот Гир кон европската иднина и очекувам да го повика својот колега во Софија, да разговара со бугарската Влада во Софија и конечно да го отвори патот на Македонија и македонските граѓани кон Европската Унија, без диктати, без ултиматуми и без хегемонистички барања, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Ваквиот став, Мицкоски го изрази во одговор на новинарското прашање како ја толкува изјавата на евроамбасадорот, Дејвид Гир, којшто вели дека ако ВМРО-ДПМНЕ и ако тој лично се за Европската Унија јасно е што треба да направат за уставните измени и дека нема повторно отворање на преговарачката рамка.
Јас сум исклучително загрижен зошто не ги загрижува високото ниво на корупција, криминал, понижувањата што се случуваат при издавањето на патните исправи на македонските граѓани, срамот којшто секојдневно го сведочиме, насилството во М-НАВ, и се што претставува вистински проблем за македонскиот граѓанин, истакна Мицкоски.
На прашање за претседателскиот кандидат на партијата и дали ВМРО-ДПМНЕ би поддржала и непартиски кандидат, Мицкоски истакна дека преку внатрепартиските анкети некаде во втората половина од февруари ќе знаат кој има најголеми шанси за кандидатура.
ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија и секој што ќе ги исполни условите може да се јави во внатрепартискиот процес којшто ќе заврши со конвенција којшто делегатите ќе го изберат кандидатот позади којшто ќе застане ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Мицкоски.
На прашањето дали очекува некој од партиите од власта да се приклучи, Мицкоски вели дека има сигнали, многу од партиите кои се сега во власта, кои биле во власта, а укажуваат сигнали да се приклучат кон ВМРО-ДПМНЕ.
Очекуваме да ја прифатат програмата и платформата која ја нуди ВМРО-ДПМНЕ и врз основа на една таква платформа и програма да ја вратиме Македонија онаму каде и е местото каква што сакавме да ја видиме во оние рани 90-ти. Да биде победничка Македонија, а не ваква ограбена, понижена и напуштена Македонија, посочи Мицкоски.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, власта не создава услови за фер избори на сите учесници и тоа се гледа од илјадниците активни огласи за вработувања во јавната администрација во очи изборите.
Мицкоски вели дека друг параметар од којшто може да се види дека нема еднакви и фер услови за сите во изборната трка е и празното место во Државната изборна комисија кое му припаѓа на албанската опозиција, а кое власта не го пополнува.
Изборите од самиот почеток не се фер, гледате дека не го пополнуваат местото кое што му припаѓа на албанската опозиција во Државната изборна комисија. Самиот процес од самиот почеток има многу недостатоци, но мора да издржиме уште овие три месеци до почеток официјален на кампањата, да ги совладаме а потоа да има одговорност, истакна Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.