Уставни измени под диктат, притисок и наметнувања се невозможни и никогаш нема да ги поддржиме, затоа што тоа е директно кршење на суверенитетот на една земја. Суверенитетот произлегува од народот, а огромно мнозинство од народот над 80% вели НЕ на ваков начин на насилство од страна на власта. За жал трагичната вистина видлива и денес пред целата македонска јавност е дека ние имаме глува и слепа власт, која за ден повеќе во фотелја, за тапшање по рамо, за комшијата да и поклонува луксузни коли, фарми за канабис, фотоволтаици или бесплатни трговски центри – е спремна да прави отстапка по отстапка до целосно обезличување и рушење на националните и државни интереси. Оваа влада има еден клучен проблем, а тоа е да води инат и со опозицијата и со народот и со експертите. Ни ал ни абер има од градење на консензус по виталните национални прашања, туку сите работи ги води до степен на свршен чин, презема обврски без да се бори за интересот на својот народ, презема штетни договори, кои после бара сите да ги прифатат. Тоа е недозволиво, тоа е лузерска политика која не носи никаков бенефит. Напротив носи штети и трајни катастрофални последици  – истакна денеска од собраниската говорница Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Како салама ги сецкаат и после тоа ни го прикажуваат како успех. Да потсетиме дека и во 2017-та и целото ова време како партија предупредувавме дека договорот за добрососедство е брзоплето решение кое носи отровни плодови кои сега ги гледаме. Но и тогаш оваа самобендисана власт на СДС и ДУИ и сега одбива да се соочи со реалноста. Тогаш тврдеа дека ги затвораат прашањата со соседите, а нивните политики донесоа ескалација на омразата и официјални државни документи од Бугарија во кои комплетно се негира самобитноста и историјата на Македонија и македонскиот народ пред 1945 година. Наместо добрососедство, донесоа омраза. Наместо соработка, донесоа понижувања. Наместо пријателство, донесоа уцени и закани. Наместо да послушаат што предупредувавме, без борба ја предадоа Македонија. И еве не тука денес, кога повторно говориме дека уставни измени во овие услови и под директен диктат на Софија се штетни и носат несогледливи последици. Ако меѓународните договори кои оваа власт ги потпиша даваа правен легитимитет на негаторските политики и ставови, уставни измени сега и под вакви околности ќе дадат правна рамка на истите тие негаторски политики но во внатрешниот правен сообраќај во Македонија и во македонските институции. Нека не ве замајуваат изјавите на Маричиќ, Османи и сличните дека ова е шанса која не смее да се пропушти. Дека ова било шанса да се направела разлика меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Секој еден кој без овие измени не умее да прави разлика меѓу двата народи и засебната различна илјадолетна историја, не смее да биде дел од овие клупи и овој Парламент, светиот дом на народната волја, права и достоинство. Не, господа, ова не е никаква шанса за напредок на целата држава. Ова е само шанса за нивно лично профитирање на грбот на македонскиот народ и Македонија. За уште некое АУДИ на поклон од комшијата, за уште неколку тони бифтеци платени од народот, за уште некој бизнис и цедење на македонската земја на која има се повеќе парцели кои тие ги продаваат како да се на пазар, а во неа има се помалку луѓе кои не можат да го трпат овој терор и современа тиранија под превезот на демократијата – вели Мицевски.

Тој истакнува дека, но сега работите се поинакви. Народот виде дека од нивните големи ветувања не треба да се има големи очекувања, туку за жал само горчливи разочарувања. Не така одамна пред само 4-5 години истите овие ликови не убедуваа дека Македонија ги има затворено сите политички прашања со своите соседи, а вистината е дека само отворија големи апетити кои може да бидат погубни за нас како народ и како држава. Погледнете, зарем има некоја промена на подобро изминатите години и месеци во реториката или делата од страна на нашиот источен сосед. Одговорот е не. Гледаме само нови и нови омаловажувања, негации и барања за измени на учебници, историски настани и наративи. Барања за контрола на говорот и мислата, односно медиумите, пишаниот збор и создавањето културни дела. Обиди за цензура и на мислата и на историјата. Односно цензура на нашето постоење. Наместо за економија и инфраструктура испорачуваат декларации за “бугаризирање на илинденското востание“. Тоа е иднината која власта сака да ја катализира со овие уставни измени.

Почитувани, ние не зборуваме тука за некаква заблуденост на власта на Ковачевски. Тие се свесни и многу добро знаат што ова може да предизвика, но се решени својата предавничка агенда да ја тераат по секоја цена, се додека тие ја вршат наплатата на распродажбата на националните интереси, чест и достоинство на сите граѓани на Македонија. Зарем мислите дека не им беа јасни предлозите и добронамерните предупредувања кои ВМРО-ДПМНЕ ги даваше?! Беа свесни, но сепак ги одбиваа. Уставни измени на крајот на евроинтегративниот процес кои ние ги баравме ќе беа гаранција дека тој пат ќе се водеше без скриени намери за однародување на македонците, или како што велат некои кругови во Софија ‘убивање на македонизмот. Доколку на крајот на процесот се направат уставните измени ќе имавме некаква сигурност дека нема да бидеме блокирани за темите како историја, учебници, измислени и непостоечки говори на омраза и слични теми кои сега Софија сака да ги наметне, туку ќе се водеше процесот исклучиво според нивото на исполнување на Копенхашките критериуми. Господа од власта, Копенхашките критериуми се мерилото на една земја колку напреднала на патот кон Европа и тие се лесно мерливи, а не се подвижна цел. Тој пат го изоделе другите и ние баравме шанса и Македонија тоа да го направи. Како што рековме и кога се носеше тн Француски предлог, кој всушност беше бугарски предлог, овој пат под овие услови ќе се претвори во бескраен процес во кој на една маса ќе зборуваме за некое поглавје, а на другата поважна маса ќе се одлучува дали во учебникот за петто, четврто или седмо одделение треба да прифатиме бугарски историски наратив за Кирил и Методиј, Кресненското или илинденското востание. А кога е во прашање дискриминацијата, во Македонија денес единствено дискриминиран народ е македонскиот и единствена дискриминирана група е онаа на огромното мнозинство кое власта сака повторно, уште еден пат да го игнорира и да се претстави како некаква далековида власт која имала храброст да носи тешки одлуки. Ако одлуките се тешки, не може или не значи дека се добри. И сите кои се кријат зад некаква лажна храброст дека носеле тешки одлуки, треба да се засрамат и да ја наведнат главата пред секој граѓанин на Македонија. Бидејќи не е храброст да прифатиш беспоговорно се што ќе ти побара тој наспроти тебе, само затоа што чувствуваш дека твојата фотелја и комодитетот му го должиш нему, без оглед од кај доаѓа – од Атина, Софија или Брисел. Сите овие фотелји на кои седите ги платиле македонските граѓани и сите вашето присуство тука им го должите само на македонските граѓани и на никој друг. Секое друго гледање на работите и постапки не се демократија, туку се тиранија и национално предавство. Жално е што ве гледам вака со сведнати глави и претпоставувам дека во себе си викате дека овој човек има право. Жално е да ве гледа човек како прифаќате без борба дека Македонија е доведена пред свршен чин. А без борба е. Лажниот триумфализам кој лани го ширевте тука, дека сте кажале историско не, па сте добиле подобар предлог беше торпедиран и потопен од предлагачите на преговарачката рамка. Најдоа село без кучиња и удрија до максимум со нивните барања. Сменија три запирки во првиот предлог, го нарекоа втор и вие дојдовте тука насилнички да се фалите дека сте ги зачувале македонските национални интереси, додека ја распродавате државата преку вашите фирми и компании. Во Софија славеа, а и како не би славеле кога наспроти нив не наидоа на државници, туку на поданици. Но, лагите излегоа на површина и секој гледа како сте ги зачувале националните интереси. Пред некој ден во софискиот парламент се читаше декларација за наводен неточен и измислен бугарски карактер на најсветото македонско Илинденско востание. Еден од темелите на оваа држава. И тој го урнавте вие, заштитувачите на идентитетот. Вториот се викаше АСНОМ – и него го масакриравте во Уставот. Така вие делувате, божем штитејќи ги националните интереси истите ги распродавате, за да ги заштитите личните и интереси и бизниси и привилегии. И сега гледам, слушам и не ми се верува, СДСМ најавува дека ќе поднесела декларација за Илинденското востание! Истите оние кои лани-преклани одбиваа да усвоиме декларација за Гоце Делчев бидејќи немало потреба и ќе нанесела штета, сега ќе поднесела декларација за Илинденското востание?! Па зошто бе колеги, ако го заштитивте идентитетот? Сфаќате ли колку е ова нелогично? И додека сме тука кога е во прашање Илинден, вие единствен документ кој можете и треба да го поднесете е извинување до Илинденците за изневерувањето кое им го направивте на нивната борба, а веднаш потоа сите да заминете од ова Собрание и никогаш да не се вратите. Затоа што не го браните интересот на Македонците и сите граѓани на Македонија – вели Мицевски.

Тој потенцира дека ние ви понудивме и втора опција, од која бегате како ѓавол од темјан – или како бугарски историчар од докази и факти – а тоа е ДЕМОКРАТИЈАТА. Но, вие не сте навикнати на демократија. Стран поим ви е демократијата. А ви рековме, ајде да излеземе пред народот, да ги преставиме своите планови за државата, а потоа да изградиме заеднички консензус и заедно да се поддржуваме во евроинтегративниот пат во интерес на нашиот народ и нашата Македонија. Да побараме најсериозни и најголеми можни институционални гаранции од страна на европската унија за нашиот многувековен идентитет, јазик и историја е нешто кое што секој кој и мисли добро на Македонија би го направил. И тоа го одбивте. Зарем заборавивте дека ветувањето на еден политичар и неговите усмени изјави важат се додека тој е на позиција, а после тоа тој кој што го заменува нема ни обврска ни потреба истото да го продолжи? Или на тоа се надевате дека би се случило, па утре ден ќе се однесувате како вашите претходници и ќе се правите недоветни и зачудени од сето она што се родило како резултат на вашите предавства?

Ви кажуваме тука, пред очите на цела Македонија и во името на граѓаните на Република Македонија вака нема да може. Нема да може! Уставни измени под бугарски диктат нема да има. А оваа расправа е осудена на пропаст. Ниту имате пратеници, ниту имате народ позади себе. Затоа после ова мое излагање ние нема што повеќе да кажеме, и ајде во скратени рокови нека дојде на пленарна седница па да видите како пропаѓа ова ваше срамно насилие врз уставот и туркање на бугарски диктат. И не заборавајте. Одбивавте дами и господа од СДС се што значеше подадена рака и глас на разумот. Одбивавте било каква борба за националните интереси, следејќи ја насоката која ја постави вашиот идеолошки гуру Зоран Заев кој рече дека на СДСМ не му приличеле политиките на патриотизмот и така ја водеше партијата и државата, а истиот принцип го наследи и неговиот верен ученик Димитар Ковачевски. Спремни сте да се инаетете до бескрај, но тој инает ќе ви се удри од глава. Овие уставни измени кои денес ги предлагате ги водите и спротивно на законите и спротивно на здравиот разум. Затоа овие измени ќе удрат во ѕид. Бидејќи пред ѕидот е македонскиот народ. До таму го дотеравте, до ѕид. Но овој народ, граѓаните на Македонија имаат чест и достоинство, имаат самопочит која вие ја немате и нема да дозволат уште едно, ново раскрчмување на Македонија, нема да дозволат распродажба на светите идеали на Илинденците, Асномците и генерацијата на независноста. Нема да дозволат повеќе понижувања, уцени, закани и угнетувања на тиранијата која ја практикуваат недемократските власти како вашата. Затоа овие измени се осудени на пропаст. И не се обидувајте да правите нови поделби на тоа кој бил проевропски кој не, не се обидувајте да етикетирате и да делите на било каков начин, тоа веќе не поминува. Прочитана книга сте. Ова е само последниот чин на вашата трагедија, пред да ви се спушти завесата и да си одите кој дома, кој по затвори. Доста беше. Македонија не е на продажба. Ниту се на продажба Македонците во Бугарија, Грција, Албанија, Косово и насекаде низ светот. Сите тие ќе имаат татковина која ќе се грижи за нив, а не власт која ќе се грижи што уште може да украде и уништи за лична корист. Би ви рекол засрамете се, ама знам дека срам немате. Затоа и немате поддршка. Ниту за уставните измени, ниту да продолжите да владеете. Македонија вели: Готово е. Готови сте. Господине Ковачевски имам да ви кажам нешто, не вреди оваа фарса за ниту една работа која ја правите или која ви ја ветиле дека ќе ви прогледаат низ прсти. Ќе излезете од овој процес како губитник. Оставете ги бизнисите, оставете ги профитите, еднаш помислете и одиграјте за Македонија. Колку пати како премиер побаравте Софија да спроведе барем една пресуда од судот од Стразбур добиена од македонците против Бугарија, зарем ви е сеедно што тие се препуштени сами на себе додека во Македонија се карате со народот да ги исполните бугарските диктати. Јас не верувам дека ќе се ставите на страната на народот, но јас во име на народот ви кажувам каква грешка и срам си правите за себе и вашите најблиски. ВМРО-ДПМНЕ останува заедно со народот, заедно до подобра иднина. Да живее Македонија, да живеат Македонците и сите граѓани на Република Македонија – вели Мицевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.