Претседателот на Собранието Јован Митрески утре ќе ги распише и претседателските и парламентарните избори, потврдуваат за МИА од владејачките партии. Според договорот на политичките партии, седмите претседателски избори ќе се одржат на 24 април 2024 година, додека на 8 мај 2024 година ќе се одржат единаесетите парламентарни избори, којшто овој пат ќе бидат редовни.

Претседателот на Собранието Митрески во текот на утрешниот ден се очекува да ги потпише решенијата за распишување на изборите и потоа тие да бидат проследени до Државната изборна комисија, која треба да усвои роковник со што почнуваат изборните дејствија.

Согласно членот 8а од Изборниот законик, од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател и пратеници во Собранието и изборот на Владата согласно со резултатите од изборите не може: да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година. Исто така не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори. Нема да може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.