Пред една недела јавно објавивме дека директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје, Марјан Митовски во исто време е и член на Управен Одбор на ЈП „Улици и патишта“, но до денес немаме постапување од страна на градоначалничката Арсовска со што се дозволува кршење на Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, изјави денеска портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Посочи дека фактичката состојба е дека Данела Арсовска како градоначалник на Град Скопје го назначила Митовски на две позиции.

Марјан Митовски во моментот на назначување на позицијата вршител на должност – директор на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје паралелно е носител и на друга функција, член на Управен Одбор на Јавното Претпријатие „Улици и Патишта“ – Скопје, и со тоа директно се прекршува членот 44 од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, според кој е регулирана забрана за вршење на други дејности и во кој изрично е наведено дека избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функцијата која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите – нагласи Митева.

Воедно, Митовски не смеел да биде назначен за директор на ЈП „Водовод и канализација“ се додека е член на УО на друго јавно претпријатие на Град Скопје.

Имено според став 4 од членот 44 од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси јасно е наведено дека избрано или именувано лице не може истовремено да врши функција на одговорно лице или член на орган на управување или надзорен орган во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал.

Во однос на горенаведеното, оваа претставка до ДКСК ја доставуваме со цел правилна примена на Законите и со тоа ја повикуваме институцијата да постапи по овој случај со што и на дело ќе се покаже дека заложбата на функционерите е да бидат во еднаква служба кон сите носители на јавни функции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.