Недозволиво е Димитар Ковачевски и Бујар Османи да молчат за францускиот предлог за решавање на Бугарскиот спор со Македонија. И дополнително да велат дека не го виделе, а всушност и самите го договарале, вели Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Со таканаречениот француски предлог не се решаваат проблемите на државата. Не се почнуваат преговори, туку се дава услов доколку сакаме да ги почнеме преговорите.
Со предлогот се задира и во идентитетот и во јазикот, иако навидум се чини дека јазикот е решен, сепак се остава простор на Бугарија со Декларација да го објасни својот поглед на јазикот.
Целта на предлогот е сите барања на Бугарија да влезат во рамка на преговори, а имплементацијата на истите да ги следи посебна Комисија. Со тоа проблемот кој до вчера бил со Софија, сега Македонија треба да го има со целата ЕУ.
Ова е дебакл за македонската дипломатија, нокаут за нацијата. Доколку власта на сила протурка вакво решение тоа ќе значи дека Македонија или ќе се бугаризира или воопшто никогаш нема да влезе во Унијата.
Ова не се европски вредности, ова е чиста асимилација и практикување на правилото на посилниот.
ВМРО-ДПМНЕ јасно кажува дека нема да го поддржи францускиот предлог, кој значи бугаризација за нацијата и одалечување на Македонија од ЕУ.
ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков понижувачки договор на штета на нашите национални интереси. А, ако Владата реши да го носи надвор од Собранието или на сила во Собранието, тогаш идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту една точка од овој договор да почитува и да применува.
Со ваквиот предлог не се решава никаков проблем, туку се креираат нови проблеми и веќе постоечките се продлабочуваат. Тоа не е ниту европски вредности, ниту искрена намера за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ. Бугарија треба да биде добар сосед и да и помогне на државата при влез во Унијата, а до тогаш да заборават на нивната желба за промена на историјата, додава таа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.