Претседателот на НСДП Горан Мисовски, чија партија е дел од владината коалиција, смета дека евентуалниот влез на Алијанса за Албанците во Владата ќе донесе нов квалитет.

Јас сум убеден дека може да донесе само квалитет. Оваа идеја за формирање сојуз на европска Македонија, мене ми се допаѓа и тоа го заговарам со години откако сум пратеник. Изолирање на оние политички структури коишто се против европските интеграции, рече Мисовски во вчерашното гостување во централниот дневник на телевизија „Сител“.

Во однос на прашањето како до парламентарно мнозинство за уставните измени, ставот на Мисовски е на пролет да почне постапката за уставните измени и денот кога ќе дојде гласањето, секој да се изјасни.

Нарушените односи со Бугарија, според Мисовски, се дел од хибридната војна што се води против Македонија. Она што сега треба да се направи, вели тој, е да се смири топката, а како позитивен чекор ја оценува средбата што на највисоко ниво е најавена меѓу министрите за внатрешни работи. Верува дека одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари ќе биде на највисоко професионално ниво.

Жалам што се случи немил настан во Охрид и што бугарскиот државен врв потпадна под провокациите на еден бугарски европратеник. Мислам дека сега е време ние како одговорни политичари и бугарскиот државен врв да ја смириме топката, но притоа да си го чуваме националното достоинство. Тоа ни е топ приоритет. Добри се контактите кои следната недела се најавуваат на највисоко ниво мегу Бугарија и Македонија. Немам дилема дека Бугарија влегува во предизборен период и за жал традиција е во балканските земји да преминувате во непопуларна политика, рече претседателот на НСДП.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.