Како Влада сме спремни за суштински дијалог со Бугарија, кој треба да заврши со надминување на пречките на нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија, притоа заштитувајќи ги интересите на двете земји, изјави денеска во Брисел министерот за европски прашања Орхан по средбата со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.

– Го информирав комесарот Вархеји за приоритетите на Владата, како и дека европската интеграција на Република Македонија е меѓу клучните приоритети на земјата. Еврокомесарот ме информираше дека Европската комисија и институциите на Европската Унија ја поздравуваат заложбата на Владата, особено во брзината со која беше обработена и имплементирана реформската агенда, која јас лично ја сметам како една од најголемите достигнувања на првите сто дена на Владата, изјави Муртезани за МИА.

На средбата станало збор и за предизвиците и пречките на пат на земјата кон полноправно членство во Европската унија, вклучително и за уставните измени.

– Тоа што е битно во моментот е што Европската Унија стои силно зад Република Македонија во можноста за изнаоѓање начин за надминување на овој спор. Го информирав комесарот дека како Влада сме спремни за суштински дијалог со нашиот сосед Република Бугарија, дијалог којшто сметаме дека е неопходен и кој треба да заврши со надминување на овој проблем, притоа заштитувајќи ги интересите на двете земји, додаде Муртезани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.