Министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението со кое се одбива употребата на името Иван Михајлов за истоименото здружение од Битола. Ваквата одлука на министерот уследи откако денеска Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употребата на името Иван Михајлов.

– Министерот Лога го потпиша решението имајќи го предвид негативното мислење на Комисијата за употреба на имиња на личности која денеска одржа седница и во образложението за негативното мислење наведе дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов претставува навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ со оглед на неговото јавно и постојано негирање на македонскиот идентитет, јазик и култура. Величењето и славењето на неговиот лик и дело предизвикуваат нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество, ссе наведува во соопштението од Министерството за правда.

Оттаму додаваат дека во член 9-а од Законот за здруженија и фондации за употреба на име, презиме, псевдоним, прекар, кратенка или иницијали на личност, наведено е дека согласност дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за употреба на имињата на личности.

Во меѓувреме, Централниот регистар соопшти дека поради недоставување на бараните документи во законски предвидениот рок се одбива барањето за усогласување на здружението „Цар Борис III“ од Охрид, кој поднесе документи за пререгистрација, но нецелосни.

– Централниот регистар во текот на денешниот ден донесе Решение со кое барањето за усогласување од страна на Здружението Цар Борис III од Охрид го одби, од причина што од страна на Здружението Цар Борис III од Охрид до Централниот регистар во законски предвидениот рок од 30 дена не се доставени бараните документи дадени во известувањето во согласност со Законот за здруженија и фондации, соопшти попладнево Централниот регистар.

За донесената одлука, како што велат оттаму, ќе го информираат Министерството за правда.

Согласно Законот за здруженија и фондации, што беше донесен по скратена постапка во ноември 2022, бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување. Рокот за поднесување на барањето истече на 16 февруари.

Согласно измените на Законот за здруженија и фондации се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл. Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.