Честа е огромна да се отвори овој политички саем кој треба да биде едно резиме, еден сублимат на тоа што затекнавме, но и што направивме за овие 365 дена, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Маицкоски на отворањето на Саемот на промените кои носат иднина.
Пред точно една година кажав дека добиената обврска од граѓаните да се управува со општините за мене претставува најголемата должност да се оправдаат очекувањата.
И ќе кажам дека ова прашање не е само едноставна преземена обврска, туку и прашање за чист образ. Затоа што најсветото нешто што еден човек го добива од своето семејство е името, честа, воспитувањето кое го стекнува и чистиот образ. Ако тоа наследство го оштетите, тогаш не само што поединецот се губи како човек, туку и го навредувате вашето потекло, вашето име, чест и образ. Ако ова го нема човек, тогаш ништо нема, а за нас десничарите, традицијата, корените и семејството, но и чистиот образ, се темелот во кој веруваме. Нешто по што се разликуваме од останатите.
12 месеци подоцна, по многу часови напорна работа, по многу непроспиени ноќи поминати во комуникација со градоначалниците, по многу пот, пожртвувана работа, посветеност, можам да кажам дека сум задоволен од она што се постигна. Најголемата придобивка е што се чувствуваат промените што носат иднина. И тие се малата, но многу значајна надеж дека може поинаку. Започнавме да градиме една поинаква слика и покажуваме со дела дека може поинаку, може подобро и може она што е најважно да се работи чесно.
Поминавме година без ниту еден скандал во локалната самоуправа, со многу вратени стари долгови во општините кои беа блокирани, со многу почнати нови проекти, но и еден поинаков однос кон решенијата. Проблеми кои се решаваат заедно со граѓаните. Срушена е бариерата која со децении постои помеѓу граѓанинот и политичарот. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата можете да ги видите по парковите, градилиштата, маалата, улиците, достапни за народот. Очи в очи да разговарате, да дебатирате, да критикувате. И знам дека не може да се решат сите проблеми, ниту пак тоа го ветивме, но затоа се трудиме со сите сили да решиме што е можно повеќе проблеми и да не заборавиме ниту за миг сè што ветивме. И сево ова постигнато во услови на тешка економска и политичка криза, на грчевита борба и опструкции од централната власт, во еден, би рекол не само ладен, туку отворен непријателски однос на владата кон општините кои се соочуваат со дневни опструкции, кратења на фондови, одземање на помош, нерешавање на проблеми. И ова не го кажувам да се оправдам за било што, туку да кажам дека ваквите неправди нè мотивираа да работиме повеќе и постојано. А тоа го потврдуваат резултатите.
И многумина знаат да речат еве го Мицкоски е најистурениот градоначалник, па дури и забележуваат затоа што одам со градоначалниците при реализација на проектите, зошто толку се интересирам за остварување на тоа што се работи. Па да одговорам на сиве овие работи.
Ако е главната забелешка зошто заедно со градоначалниците работам да се реализираат проекти за народот, ако главното што можат да искритикуваат е тоа што имам непроспиени ноќи и часови и часови работа посветено на остварување на ветеното, тогаш можам да кажам дека сме на вистинскиот пат. Затоа што како што на почетокот посочив она што нема цена се чистиот образ и честа кои треба да се бранат со дела. Секој збор од овие програми ветени пред граѓаните го бранев на изборите лично јас, со моето име и мојот кредибилитет. И немам намера да избегам ниту милиметар од тоа што го ветив и затоа сум најмногу заинтересиран да не го разочараме народот и затоа и тие малкумина загрижени кои ги даваат ваквите забелешки треба да знаат, заедно со градоначалниците ќе ме гледаат уште многу на отворања и градба на нови улици, паркови, водоводи, нови канализации, училишта, на многу нови проекти и реализирани ветувања.
Затоа сум задоволен од постигнатото, а најмногу што го одржавме зборот.
Промените се гледаат во резултатите и во делата.
Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ за само 365 дена од мандатот отпочнаа со градба или реализираа проекти во вредност од 7.458.790.588 денари или близу 120 милиони евра. Резултат за почит. Ако имаме предвид дека власта, имајќи го на располагање целиот рекорден буџет за оваа година, реализираше нешто повеќе од оваа бројка, тогаш само по себе можете да забележите колкав е подвигот на овие луѓе, нивниот тим, администрацијата, но и на сите нас, на вас и граѓаните кои цело време им даваат поддршка да ги реализираат тие проекти.
Како се реализирани овие проекти.
Во истите тие општини се реализираа или се отпочна со реализација во патна инфраструктура, градба на надвозници, клучки, нови улици, булевари или нивна реконструкција во вредност од над 36 милиони евра (2.246.110.874 денари).
За градба или реконструкција на водоводни и канализациони мрежи за една година се отпочна со инвестициски циклус вреден од над 20 милиони евра или точно 1.278.181.531 денари.
Во едни тешки околности на сеопфатна криза се започна со решавање на проблемот со недостиг на детски градинки. Денес речиси и да нема општина каде нема дополнет капацитет или градба на нова градинка, или приспособување на просторни услови за тоа. За само една година се почна со градба или реконструкција на градинки во вредност од над 9 милиони евра. И свесен сум дека ова не е доволно, но е добар почеток на решавање на еден децениски проблем. Образованието е наш приоритет. За градба или реконструкција на основни училишта се инвестираа повеќе од 19 милиони евра.
За нови паркови и зелени површини се почнаа инвестиции во вредност од речиси 4 милиони евра, додека за зачувување на животната средина и проекти од оваа област се инвестираат нови 2 милиони евра.
Се инвестира и во културата. За нови културни домови, за реконструкција на културни знаменитости и инвестиции во културата се вложуваат речиси 2.5 милиони евра, додека пак за спортот и спортски објекти за најмладите се инвестира повеќе од 7 милиони евра.
Не се заборавени и ранливите категории граѓани, за кои низ различни програми и намени се даваат речиси 1.5 милиони евра. За конкретните проекти ќе чуете во отчетите после ова мое обраќање на овој политички саем, кој се одржува за прв пат во нашата земја.
Јас сум задоволен од постигнатото. И секогаш може повеќе и барам повеќе. Но ова е одличен резултат кој е гаранција дека промените ќе бидат уште поголеми и уште позначајни. Овие резултати се однесуваат на повеќе од 40 општини во кои победата ја имаше ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, без Градот Скопје, каде прашањето за одбрана на принципите и нашето стојалиште да не ја изиграме довербата на граѓаните кога тоа веќе многу лесно го прави првиот човек на Градот, продолжува да биде границата од која нема да се повлечеме и моралот и вредностите што ги браниме. Одбраната на тие принципи се нашето право и должност, затоа што ветивме работа, наместо неспособност, ветивме резултати наместо стагнација.
Драги пријатели,
Ме прашуваат што е најголемата придобивка од овие 365 дена локална самоуправа раководена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Убави се нови градинки што се започнаа, новите паркови што ќе го разеленуваат просторот, реконструираните училишта, спортските сали кои се во градба како и водоводите и канализациите кои решаваат проблеми. Но што е она што е вистински најважно: Тоа е дека е родена е искрата надеж, дека покажуваме промени. Долгите децении и поделби, политички борби што го донесоа синдромот на самоуништување, губењето на светите работи придонесе да биде убиена надежта во изминатите години. Власта овие години брутално си поигруваше со судбината на многумина намерно и свесно за да се обесхрабри народот, за да завладее апатија, да се донесе незаинтересираноста, за да се помине полесно.
И така многу често народот знае да каже си патиме од реченицата која не е само потврдна форма на ужасот кој го живее секој човек, туку и израз на најголемата апатија и помиреност со таквиот ужас –„Е ТОА Е”. И кога инфлацијата растеше некои велеа „е тоа е, секаде е лошо“. И кога Уставот го менуваа пред неколку години, изразот беше „е тоа е, така требало да биде”. И кога беше предлогот за преговарачка рамка кога заедно со народот протестиравме и велевме се прави штета бидејќи бугарската кочница ќе биде мерило за преговорите со ЕУ, некои велеa „е тоа е, мора така да биде”. Кога го плашат народот и велат нема повисоки плати бидете задоволни со тие што ги имате, многумина ќе речат „е тоа е”.
Јас велам доста е, од „тоа е“.
Доста е од порази што внесуваат несигурност, ја уништуваат самодовербата. И сево ова мора да го смениме. Тоа е потврдната карта на власта да продолжи со распродажба и да ја уништува нашата Македонија.
Затоа што апатијата не смее да биде поголема од желбата да успееме, и затоа е потребна надежта која се роди во изминатава година. Она што мора да го објавиме е широк фронт против таа апатија која ја разорува земјата и од која не може да се видат јасно работите, поради која многумина велат сите сте исти, кога не сме, кога многумина акцијата ја заменуваат со пасивизација и поради сè заедно, ние пополека ја губиме Македонија. Промените вродија со надеж дека може поинаку, може домаќински. Таа мала ронка надеж треба да стане потокот кој ќе се слее во поголема река на надеж за успеси и победи, за да на крај дојдеме до морето на среќа, надеж и иднина каква, оваа земја и сите нејзини граѓани ја заслужуваат.
И затоа во оваа една година покажавме дека промените се реалност и дека тие треба да продолжат подлабоко и ќе бидат целосни само кога оваа влада, која донесе болка, апатија, криминал и очај, ќе падне.
И ви ветувам дека тоа ќе се случи и за тоа се бориме секој еден ден.
А, Македонија има примери кои можат да се следат и поради кои вреди да се бориме. И таквите примери не ги гледаме во оние епски битки на илинденците или нивните наследници партизаните, ниту пак генерацијата која само пред 30 години ја донесе нашата независност и самостојна држава, туку таквите победи, иако мали и нечујни постојат насекаде околу нас и денес. Тивките и незнајни херои се борат со реалноста и победуваат, додека поединците се препуштаат на апатијата.
Шеснаесетгодишниот Марко Пејчиновски, овој август, дете кое боледува од ретка болест, го преплива Охридското Езеро на релација Охрид – Струга – Свети Наум. Марко исплива 64 километри, за што му беа потребни 21 час, 41 минута и 48 секунди. Неговото срце чукаше со желбата за таа победа. Само со рацете се бореше во водата, ама неговиот сон стана јаве, Марко победи и сум сигурен со такво лавовско срце и дух ќе продолжи да победува. Победи и затоа што веруваше дека ќе победи.
Младиот Ерџан од Скопје оваа година се запиша на престижниот универзитет Колумбија. Доби стипендија како резултат на својот труд, а неговиот успех е дотолку поголем бидејќи тој е радоста на родителите кои се со ниски примања, и двајцата со минимална плата, која едвај ги покрива сметките. Ерџан вложи 100 пати повеќе труд од сите останати, но успеа на крајот и сега го живее својот сон. Ова е мал пример, но голема победа.
Не се откажа поради лошиот систем, неправдите, апатијата. Тој веруваше во себе, се бореше за иднината и успеа. Успеа затоа што неговиот труд, неговата желба и сон беше поголема од реалноста која неправедно го влечеше како сидро надолу.
Треба и ние да веруваме. Победите се збирот на многу труд без откажувања, на триумф на правдата и истрајноста. А, не заборавајте, нашата Македонија е посилна од сите удари кои ѝ ги нанесуваат и сите обезличувања кои ѝ ги приредуваат. За тесната клика на власт ова е борба за фотелја, за сите останати, за нас, ова е борба за нашиот дом. А, од домот нема да се откажеме затоа што тоа е образ и достоинство.
Затоа да победи надежта, да ја победиме апатијата, а надежта е можна доколку секоја единка биде активен чинител во процесите. Притисокот на власта ќе биде да не учествувате во политиката, тогаш вашиот одговор нека биде сосема спротивен, да биде активно учество. Само така ќе ги менуваме работите. Не прифаќам, „е тоа е“, мора да има промени затоа што „е тоа е“, не е одговор ниту решение за проблемите. Затоа мора промени, надеж и верба дека може многу подобро, а сите заедно тие промени да ги донесеме. Тоа се нашите победи.
Драги пријатели,
Овие денови е актуелно прашањето за лидерската средба. Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе отиде и што ќе прави? Прво да кажам дека намерите на власта за лидерската средба се јасни. Тие очекуваат јас да одбијам присуство на таква средба затоа што ќе се разговарало за европски интеграции. Веднаш по ваквиот чин ќе следи напад дека ВМРО-ДПМНЕ било антиевропско и дека ВМРО-ДПМНЕ е изолирано затоа што сите партии со албански предзнак ќе присуствуваат на средбата. Се гледа од месечината што им е целта.
А, доколку ВМРО-ДПМНЕ присуствува, тогаш оние нивни инсталации мегафони нели на власта веднаш ќе раскажат „аха значи Мицкоски е подготвен за уставните измени“.
И знам дека изгледа детски, но тоа е нештото што Ковачевски го нарекува план, а што и друго да се очекува.
Бидејќи ова им се дилемите, да им ги расчистам.
Сметам дека правењето театар за јавноста во еден таков гломазен состав, што го нарекуваат лидерска средба, нема да ги донесе решенијата на проблемите кои се алармантно потребни за народот. Народот од нас очекува да зборуваме за инфлацијата, за енергетската криза, за зголемената сиромаштија, за затворените рудници и фабрики, за нискиот стандард. Ова се темите за кои мора алармантно да се бараат решение, а не за уставни измени или една генерална тема без никакви појаснувања – интеграции. Поскапувањата, енергетиката и сиромаштијата се дијагнозата на колективната болест која го мачи општеството, чиј лек, единствен лек се предвремени парламентарни избори.
ВМРО-ДПМНЕ е одговорна и државотворна партија и да, еве објавувам, дека ќе присуствувам на таква средба затоа што имаме ставови и сме подготвени да ги браниме насекаде во светот. Ќе дојдам на лидерската средба, ќе кажам јасно и гласно, не преку соопштенија или штури брифинзи преку какви владата ја најавува оваа средба, дека најреалната причина за која една лидерска средба би имала содржина се разговор за реалните проблеми на народот кој е гладен, а чиј излез, знаеме и тука ние и целата јавност, се предвремени парламентарни избори. А, што се однесува за уставните измени, тоа прашање е затворена тема затоа што уставни измени нема да има под овие околности и без гаранции за нашата европска иднина заштитени од идни условувања од Бугарија.
Јас како човек ниту уцени прифаќам, ниту пак зад завесата договарам. И сите оние инсталации и мегафони на власта кои веруваат во теорија на заговори, да им е јасно дека без повторувам јасни гаранции за европска иднина на Македонија каде што нема Бугарија да има можности да го кочи тој процес, без такви јасни гаранции за македонскиот идентитет, македонскиот јазик, уставни измени нема да има. Тоа треба секој да го знае.
Драги пријатели,
Сакам да зборувам за иднината и она што го очекувам од секој еден градоначалник.
Пред почетокот на кампањата на локалните избори кога ги посетував општините на секој градоначалник му дадов отворено писмо на принципи и очекувања кои ги барам од секој еден од нив. Тогаш во тие писма потсетив дека доста беше од локални бизнис моќници, и ново компонирани инстант бизнисмени кои се доближуваат до локалната самоуправа само да се доберат до маркица за некоја нова зграда, нов бетон во кој ќе се гушат граѓаните.
Кога ќе дојде некој таков, побарав веднаш да го избркате толку силно што никогаш друг пат нема да му текне да направи таков нечесен потег.
Кон трошењето на парите во општината мора да имате пристап како кон свои пари. Грижливо и штедливо. Доста беше расипништво.
Не смее веќе зеленилото да се заменува со бетон. Кога ќе се гради, треба да се гради паметно и со план за иднината.
За 4 години не смее да има урбано место кое нема да има канализација, водовод кој се гради за да има пристојни услови за живот.
Мора да се борите за секое работно место, и да носите нови инвестиции. Нов елан, народот да почувствува нова енергија и да бидете заштитници и двигатели на развојот на економијата.
Имаше и такви до пред една година градоначалници од власта кои се поистоветуваа со Господ. Вие му служите на народот, а не тој вас, и не сте Господ. Далеку од тоа. Треба да останете слуга на народот, на својот град, на својата татковина. И никогаш да не ги разочарате граѓаните и Македонија.
И ова што досега го кажав беа дел од тие писма и овие пораки една година потоа, задоволен сум што се запазени и испочитувани.
Така треба и да се продолжи.
Кога станува збор за иднината, треба да погледнеме на реалноста, а таму централната власт со својот непријателски однос удира по општините. Ударот по општините на крајот е удар по својот народ врз чиј грб се одразува секоја опструкција, секој удар и кратење на средства. Затоа општините се принудени сами да се борат и заедно да изнаоѓаме механизми како да се дојде до нови инвестиции и средства да се помогне на граѓаните. И тоа го правиме. Сакам да објавам дека општините ќе започнат со новина на издавање на општински обврзници. Секое домаќинство, правно и физичко лице, ќе може да учествува во купување на тие обврзници, пари кои ќе се употребат за градење на капитални проекти, улици, патишта, булевари, водоводи канализации, нови градинки и нови училишта, па дури и економски општински зони. За разлика од сега, каматната стапка за депозит во банка е до 0.5%, каматните стапки за седумгодишен период на граѓаните и компаниите кои ќе учествуваат во купувањето на овие обврзници, ќе бидат 9 до 10 пати поголема односно ќе се движат од од 4,5 до 5%. Така општините ќе дојдат до свежи пари, граѓаните и компаниите кои ќе дојдат до тие средства ќе можат да очекуваат за неколику проценти повисока камата и заработувачка, а населението и граѓаните во Македонија многу нови проекти. Оваа новина која до сега не била спроведена очекувам да започне до крајот на оваа или најдоцна до почетокот на наредната година.
ВМРО-ДПМНЕ го трасира патот кон револуцинерна мерка која на општините ќе им обезбеди самостојност и инвестициски вложувања. Затоа што не можеме да ја чекаме централната власт да помага во ситуација кога одмага на општините и игра на картите на зависност и нанесување штета. Ние отпочнавме процес на промени од кои нема да се откажеме ниту да запреме.
Во приодот што следи ќе се формираат буџетите на општините за наредната година. За прв пат до сега градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги планираат буџетите заедно со граѓаните и според нивните потреби. Ќе се отворат вратите за предлози, идеи и потреби на граѓаните, компаниите и општествените чинители и во консултација со нив ќе се испланираат активностите за наредната година. Ова ќе биде системска акција која ќе се реализира организирано во неделите до крајот на годината. Буџет заедно со народот, наместо затворени во канцеларии и без слух за реалните потрби.
Драги пријатели,
Пред да ве повикам да останете и да ги чуете отчетите на општините и останатите актуелни теми на овој прекрасен политички саем, кој за прв пат го организира политичка партија во Македонија што претставува иновативно случување кое вреди за внимание, сакам да се заблагодарам на градоначалниците за нивниот ангажман и посветеност. Исто така се заблагодарувам и на советниците и претседателите на совети низ општините за својата посветеност и лојалност кон ветеното и целите кон кои се стремиме. Благодарност и до тимот кој го направи овој прекрасен саем, одржан за прв пат од политичка партија во Македонија. Да останеме на истиот пат на промени што носат иднина.
Не заборавајте дека е апатијата состојба која значи потврдна карта, согласност за сите лоши политики, а спротивното на тоа е надежта дека може подобро и може поинаку. Ние го кажуваме тоа и работиме за тоа. Така ќе стигнеме и до заедничката победа, затоа што на Македонија ѝ требаат победи, ѝ требаат промени и иднина. Така ги браниме и нашата чест, образ и постоење. Да веруваме и да се бориме. За Македонија, за нашиот дом.
Да сте живи и здрави!
Да живее Македонија!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.