Никогаш не сум се согласувал со ставовите и позициите на Ванчо Михајлов во однос на многу сутествени теми, вели лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Неспорен историски факт е дека Ванчо Михајлов бил во одреден историски контекст прв човек на Организацијата, исто како што е вистина дека никогаш не сум се согласувал, ниту сум ги оправдувал неговите ставови, неговиот метод на работа и неговите позиции во однос на многу суштествени теми, вели претседателот на ВМРО ДПМНЕ.

Истите оние кои ја имаат мувата на капата поради предавствата и понижувачките решенија кои ги донесоа, мора да се служат со лаги, мора да се служат со подметнувања, додавања на работи кои не сум ги рекол за лажно да прикажат дека ВМРО-ДПМНЕ негува некаква врска со ликот чие име го носи и здружението кои тие дозволија да се отвори во градот на конзулите, во Битола.

А, историјата не е послужавник со кој можете да се почестите со работите што ви се допаѓаат, а да ги негирате тие што не ви се допаѓаат. Впрочем, истово ова, истиот таков фалсификат на селектирање го прави и актуелна Бугарија. Организацијата ВМРО е континуитет и на најсветлите историски синови и ќерки пред чии имиња се поклонуваме и чии дела ги славиме. ВМРО е континуитет и на Груев, на Делчев, Татарчев, Петар Поп Арсов, Сандански, Карев, Узунов, Патчев, Сугарев и плејада други херои, вели Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.