Незадоволното членство од ДУИ, предводено од потпретседателот на партијата Изет Меџити, вчеравечер одржаа средба со партиски членови и симпатизери во Гостивар, од каде уште еднаш изразија незадоволство од резултатите на извршната власт на ДУИ во Владата на чело со Артан Груби како прв вицепремиер.
Во време кога власта има 64 пратеници, за да го спаси Артан, зема пратеници од опозицијата, што значи дека Алијанса е за Артан, а не за Европа. Правејќи акробации за 80, можеби немаме ни 61 пратеник. Сега за Европа ќе одат со Арбен Таравари, кој до вчера беше со Москва и со Левица. За да се изгласаат уставни измени потребни се уште шест пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, но и тоа не е сигурно, па ќе треба да се обезбедат уште со нова акробација, рече Меџити, од средбата во Гостивар.
Меџити уште еднаш го изрази незадоволството од Артан Груби како прв вицепремиер во Владата и го повика лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да го свика Централното собрание за да се види кој треба да си оди, а кој да остане.
Грешка беше Артан Груби да биде организационен секретар бидејќи не ја познава структурата. Имаме парламент со лојални, но не и квалитетни пратеници. Ни требаат отворени листи, додаде тој.
На средбата присуствуваше и организацискиот секретар на партијата и градоначалник на општина Сарај, Блерим Беџети, кој порача дека Албанците и симпатизерите на ДУИ не можат да бидат незаинтересирани за состојбата во која се наоѓа партијата и затоа доаѓаат во толку голем број на состаноците.
Апелирам до претседателот на партијата да ја анализира загриженоста на членовите на ДУИ, бидејќи со принципиелна дебата се наоѓа решение за секој проблем, рече Беџети.
На средбата во Гостивар, меѓу другите, присуствуваше и поранешниот градоначалник на Гостивар и висок партиски функционер во ДУИ, Невзат Бејта, кој пред сограѓаните напомена дека изминативе дваесет години се вложило многу за доброто на партијата, а неговиот ангажман бил по барање на сограѓаните.
Тој ги коментираше неодамнешните средби кои раководството на ДУИ ги имаше во гостиварско и притоа направи споредба со направеното и реализираните проекти.
На дебатата свои излагања имаа и Башким Хасани, заменик-министер за одбрана, Муса Џафери, Саранда Имери и пратеникот Кастриот Реџепи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.