Преговорите на Македонија со ЕУ задоцнија и за жал, тоа не беше разумно. Да се надеваме дека процесот нема да трае толку долго, бидејќи ЕУ не е комплетна без земјите од Западен Балкан, порача шефот на италијанската држава Серџо Матарела во Скопје.
Пречекан со највисоки почести од домаќинот Пендаровски, Матарела од претседателската вила на Водно истакна дека со големо задоволство ја проследил одлуката од јули за почеток на преговори, нагласувајќи дека Италија постојано ќе биде на страната на Македонија на патот на реформите.
“Сакам јавно да подвлечам дека го цениме трпението и напорот што Македонија ги направи за да ги надмине сите потешкотии и на планот на подобри и попозитивни односи со соседите. Станува збор за чекори нанапред кои Италија секогаш ги следеше и ги поддржуваше и во своите односи со Софија. Унијата е наша заедничка иднина, тоа е наше убедување, што секаде го кажуваме. Без влезот на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, Унијата нема да биде целосна и има потреба од овој влез за комплетирање за навистина да биде интегриран целиот континент”
Шефот на државав, пак, и се заблагодари на Италија за политиката на проширување во ЕУ и поддршката за нас во тој контекст.
“Имајќи предвид дека во претстојниот период нѐ чека напорна работа и вложување на сите национални капацитети, искуствата кои Италија е подготвена да ги сподели со нас ќе ни бидат навистина корисни. За време на разговорите потенцирав дека Македонија останува кредибилен партнер на Унијата во справување со актуелните геополитички и безбедносни предизвици за што зборува и фактот за нашето стопроцентно усогласување со заедничката европска безбедносна и одбранбена политика на Унијата”
Првата посета на еден италијански претседател на земјава по 23 години за Матарела продолжи во Собранието.
Во обраќањето пред пратениците, тој посочи дека почетокот на преговорите со Унијата претставува голем успех и дека културно, историски и вредносно, местото на Македонија е целосно во ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.