Во Софија денеска со моите колеги, вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, министрите за животна средина Насер Нуредини и за информатичко општество Адмирим Алити и генералниот директор на Пошти, ќе одржиме состанок со бугарските колеги од работната група за европска соработка, објави на својата официјална Фејсбук страница вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
– На работниот состанок очекувам плодна дискусија од предлози, идеи кои нема само да ги ставиме на хартија, бидејќи имаме одлична комуникација со нашите колеги од Република Бугарија и желба за продлабочување на соработката во областите кои се клучни за евроинтеграцискиот процес, а тоа се владеење на правото, зелената агенда и дигиталната трансформација, напиша Маричиќ.
Зборовите ги преточуваме во дела, додава вицепремиерот, што ќе бидат од полза за граѓаните од двете страни на границата и за нашиот европски пат.
Меѓувладината работна група со Бугарија за европска соработка – зелена транзиција, дигитална трансформација и владеење на правото, во изминатиот период имаше координативни состаноци на кои се разгледуваа можностите за интензивирање и зајакнување на практичната соработка во сфери кои се важни за граѓаните на двете држави и за темпото на реализација на европските реформи, како и за размена на искуства и добри практики значајни за евроинтеграцискиот процес.
За време на средбата ќе биде потпишан меморандум за разбирање за поштенска соработка меѓу Бугарски пошти ЕАД и АД „Пошта на Македонија“ и двогодишна програма за спроведување на Договорот меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија и Министерството за животна средина и води на Република Бугарија за соработка во областа на животна средина и заштита на водите, потпишан во 2019 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.